Во салата на киното „Манаки“ во Битола вчера беа презентирани мерките од оперативниот план за вработување за 2025 година.

Пред голем број граѓани претставниците од Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемаштвото и Агенцијата за вработување ги презентираа мерките од оперативниот план, со акцент на трите подмерки од мерката за самовработување (претприемаштво), каде што јавните повици се објавени и сите заинтересирани може да се пријават до 20 јуни.

„Со мерките за самовработување на сите невработени лица им даваме финансиска поддршка за отворање сопствен бизнис, која се движи од 7.000 до 10.000 евра, а со здружување две лица од 14.000 до 20.000 евра. Имаме исклучително голем интерес за овој јавен повик и за само четири дена се пријавени повеќе од 2.500 лица. Ги повикувам сите лица што се заинтересирани да се пријават во кој било од 30-те центри за вработување при Агенцијата за вработување во државата“, рече заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

Во рамките на јавните повици од мерката 1, „Поддршка за самовработување (претприемаштво)“, во тек се три јавни повици, со кои им се дава можност на повеќе од 1.700 лица да отворат сопствен бизнис и со нив се предвидени:

– финансиска поддршка во форма на грант до 7.000 евра за основање и почнување бизнис за лица постари од 29 години;

– финансиска поддршка во форма на грант до 10.000 евра за основање и почнување бизнис за млади лица до 29 години;

– финансиска поддршка за здружување две лица во ДОО, каде што таа изнесува од 14.000 до 20.000 евра во зависност од целните групи.