Тешкашите на германската економија ја повикаа Европската Унија да ја зголеми конкурентноста на своите членки преку реформи во пазарната трка со глобалните сили како што се САД и Кина. Здружението „Произведено во Германија“, со 123 големи компании, вклучувајќи ги „Сименс“ и „Дојче банк“, испрати покана до Брисел пред самитот на ЕУ оваа недела.
Европската индустрија е под огромен притисок, објави здружението во среда. Европските лидери се состануваат во четврток за да разговараат за економските предизвици. Европа се натпреварува со земји кои ги контролираат сопствените економски политики, кои свесно ја дерегулираат економијата и силно го забрзуваат развојот на нови технологии, сметаат членките на „Произведено во Германија“.
Последицата од ова е дека „многу европски компании ја губат својата конкурентност од ден на ден“, затоа ЕУ мора да даде приоритет на растот и да обезбеди суверенитет. ЕУ мора да го промени курсот и да „се откаже од прекумерната регулација“, соопшти здружението, повикувајќи на реформи за поддршка на технолошката конкурентност и раст.
Тие вклучуваат дебирократизација, зајакнување на пазарите на капитал и брзо спроведување на договорите за слободна трговија со Индија и четири јужноамерикански земји.
„Европа заостанува во глобалната конкуренција. Европа мора да ја совлада виталната технологија како основа на индустријата, снабдувањето со енергија и безбедноста“, предупреди извршниот директор на Сименс, Роланд Буш и додаде: „Имаме сè што ни е потребно за да го направиме тоа – силна индустриска база, првокласно знаење и длабока технолошка експертиза.“
Директорот на Дојче Банк ја критикуваше ЕУ дека не ги искористила нејзините предности.