Од 1 декември влегуваат во сила нови правила што ќе им помогнат на граѓаните полесно да дојдат до свој прв дом. Народната банка одлучи да воведе поповолни услови за оние што купуваат стан за живеење, правејќи разлика меѓу нив и оние кои купуваат недвижности како инвестиција.
За купување прв стан, сопственото учество ќе биде најмалку 10% од вредноста на недвижнината, наместо досегашните 15%. Тоа значи дека за стан од 100 илјади евра, граѓанинот ќе треба да обезбеди 10 илјади евра, а банката ќе финансира 90 илјади евра. Правилото за „рата-плата“ останува исто – најмногу 55% од месечната плата може да оди за отплата.
Сосема различни ќе бидат условите за втор стан: најмалку 25% сопствено учество и максимално 50% од платата за отплата на кредитот.
Овие поволности ќе важат само за граѓани кои немаат друг стан и кои ќе живеат во купениот стан. Ќе биде потребна нотарски заверена изјава и доставување комунални сметки на адресата. Доколку се утврди измама, банката ќе може да ги промени условите.
Гувернерот Трајко Славески најави и можни пониски каматни стапки за овие кредити, пониски за 0,5 до 0,75 процентни поени, што може да донесе заштеди од илјадници евра.
Тој очекува оваа мерка да влијае и врз стабилизирање на цените на становите, кои бележат двоцифрен раст во последните два квартала, како и врз намалување на инфлацијата која во август изнесуваше 4,4%.
Според прогнозите, во следните години инфлацијата треба да се врати на околу 2%, како во еврозоната.