Вкупните депозити, на годишно ниво, во септември бележат раст од 13,2 отсто, и се должи на растот на депозитите на двата сектора, којшто е поизразен кај секторот домаќинства. Вкупните кредити, пак, имаат раст од 13,5 проценти, и во поголем дел произлегува од зголемените кредити на корпоративниот сектор, при раст и на кредитирањето на секторот домаќинства, соопшти Народната банка.
Според Народната банка, кредитната активност продолжува со позитивен тренд. Вкупните кредити се зголемени за 0,9 проценти месечно и 13,5 отсто годишно. Најголем придонес има корпоративниот сектор, но раст е забележан и кај домаќинствата.
Корпоративните депозити се намалени месечно, поради пад на краткорочните депозити и депозитните пари, додека долгорочните депозити во денари се зголемени. Годишно, корпоративните депозити се зголемени.
„Во септември 2025 година, вкупните депозити на корпоративниот сектор остварија месечен пад од 2 проценти, под влијание на намалените краткорочни депозити и депозитните пари, во услови на зголемување на долгорочните депозити во денари. На годишна основа е забележан раст од 12,8 отсто, во најголем дел како резултат на зголемените депозитни пари и краткорочните депозити, се наведува во соопштението на Народна банка.
Кај домаќинствата, депозитите се зголемени за 1,2 проценти месечно, а годишно за 13,6 отсто, со најголем придонес од депозитните пари и долгорочните депозити во денари.
Кредитите на домаќинствата бележат месечен раст од 1 процент и годишен од 10,8 отсто, со поизразен раст кај кредитите во денари.
Во септември 2025 година, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, на месечна основа се зголемени за 0,9 отсто и 1,6 отсто, соодветно, при годишен
раст од 10,2 отсто и 16,1 отсто, соодветно. Автомобилските кредити растат месечно за 1,3 процент, но годишно се намалени за 0,6 отсто. Кредитите одобрени преку кредитни картички се намалени за 0,3 проценти месечно и 6,7 отсто годишно.