Годишниот пораст на паричната маса во банките изнесува 11,8% и е резултат на порастот на депозитните пари и на краткорочните депозити, при помал пораст и на готовите пари во оптек и на долгорочните депозити до две години, нотира Народната банка во својот најнов извештај за монетарните движења за октомври.
Така, вкупните депозити во октомври забележаа месечен пораст од 0,4%, кој во услови на пад на депозитите на корпоративниот сектор, во целост се должи на порастот на депозитите на секторот „домаќинства“. На годишна основа, вкупните депозити се зголемени за 11,8%, во поголем дел како резултат на порастот на депозитите на секторот „домаќинства“.
Во октомври, вкупните кредити остварија месечно зголемување од 0,6% под влијание на порастот на кредитирањето на двата сектори, со поголем придонес на секторот „домаќинства“. На годишна основа, вкупните кредити забележаа пораст од 12,1%, кој во поголем дел произлегува од зголемените кредити на корпоративниот сектор, при пораст и на кредитирањето на секторот „домаќинства“.
Вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец, бележат месечен пад од 1,1%. Притоа, падот е резултат на намалените депозитни пари и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пораст кај останатите компоненти. Во споредба со октомври претходната година е забележано зголемување од 8,1%, кое во најголем дел произлегува од зголемените депозитни пари и од краткорочните депозити.
‒ Во октомври, кредитите на корпоративниот сектор се зголемени за 0,4% и 13,7% на месечна и на годишна основа, соодветно, во целост поради зголеменото кредитирање во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута – велат од Народната банка.
Вкупните депозити на домаќинствата, во октомври 2025 година, забележаа месечен и годишен раст од 1,1% и 14,0%, соодветно. Нагорната промена кај двете основи во најголем дел е одраз на растот на депозитните пари и долгорочните депозити во денари, при остварен помал раст и на останатите компоненти.
‒ Овој месец, кредитите на домаќинствата бележат месечно и годишно зголемување од 0,8% и 10,6%, соодветно, како резултат на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поизразен придонес на кредитите во денари – се посочува во извештајот.
Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во октомври, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, остварија месечен пораст од 0,9% и 1,1%, соодветно, како и годишен пораст од 10,2% и 16,1%, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е забележано месечно и годишно намалување од 0,4% и 1,9%, соодветно.
– Кредитите одобрени на кредитните картички се непроменети на месечно ниво, додека на годишно ниво остварија пад од 6,8%. Во октомври, негативните салда на тековните сметки и на кредитите одобрени врз други основи се намалени за 4,5% и 0,6% во споредба со претходниот месец, соодветно, додека на годишна основа се пониски за 8,4% и 9,5%, соодветно – се забележува во извештајот.