Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески денеска се пошегува и изјави дека на есен ќе оди во Банката на Англија да провери дали е таму монетарото злато кое е дел од девизните резерви на нашата земја и кое што е доверено на чување во оваа реномирана финансиска институција. Тој ова го рече при посетата во Стопанската комора на Северна Македонија на средба со стопанственици одговарајќи на прашања на претседателот на Комората, Бранко Азески, алудирајќи на изјава на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Јас не можам да разберам зошто во еден момент е прекината практиката ние како држава, како Народна банка, да не го зголемуваме износот на монетарното злато, затоа што во минатото од домашните рудници се откупуваше златото и се ставаше во златните резерви“, рече Славески, оценувајќи дека овој дел од резервите не е на задоволително ниво, како и дека златото во последната година двојно ја зголеми цената.
Тој додаде дека секогаш кога настанува некоја несигурност во светот, геополитички проблеми и сл, инвеститорите бегаат во сигурни средства, а едно од нив е златото.
„Златото го чуваме во Банката на Ангија и планирам со мој тим некаде наесен да одиме да провериме дали е таму“, рече во шега Славески, посочувајќи дека во една прилика претседателот Трамп изјави дека ќе оди во Форт Нокс да види дали е таму златото на САД, кое што го чуваат таму.