Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, ги отвори вратите на својот кабинет за студентите кои во текот на летниот период ја изведуваат својата практична работа во институцијата. На средбата, на којашто присуствуваше и вицегувернерката Ана Митреска, студентите имаа можност, во пријатна атмосфера, одблизу да се запознаат со работата и со одговорностите на гувернерот и со улогата на централната банка во економскиот систем.

Во своето обраќање, гувернерот Славески истакна дека за професионалниот развој, покрај теоретските знаења, особено значајно е стекнувањето практични искуства. Притоа, нагласи дека Народната банка, како носечка институција во земјава, е секогаш отворена за младите луѓе кои имаат желба да се надградуваат, да учат и да го прошират својот професионален и академски хоризонт.

„Народната банка постојано настојува да привлече млади и перспективни кадри, со високо образование и со потенцијал за аналитичка и истражувачка работа. За нашата институција, тоа претставува вложување во иднината – како во кадровска, така и во мотивациска смисла. Само преку развој на едуцирани и посветени професионалци, можеме да придонесеме за напредокот на економијата и на општеството“, истакна гувернерот.

Студентите ja искористија оваа средба за да постават прашања, да споделат свои размислувања и да изразат благодарност за можноста да бидат дел од институција каква што е Народната банка. Тие посочија дека преку практичната работа и соработката со стручните тимови ги применуваат своите знаења, ги унапредуваат своите вештини и добиваат вредно искуство за понатамошниот професионален пат.