Цената на златото во вторникот нагло се намали за околу 300 долари и достигна вредност од 4.090 долари за унца, што претставува пад од над 5% што е највисокиот дневен пад од 2013 година. Само ден претходно цената на овој благороден метал достигна рекорден врв од 4.380 долари за унца.
Само во последните два месеци, златото поскапе за 25%, поттикнато од растечкиот државен долг на САД, политичката неизвесност и очекувањата за ново намалување на каматните стапки од страна на Федералните резерви.
– Намалувањето на геополитичките тензии, прибирањето на профити и техничката нестабилност придонесоа за наглиот пресврт на пазарот. Дополнителен фактор за падот е и завршувањето на фестивалот Дивали во Индија – втората најголема земја потрошувач на злато во светот, што доведе до краткотрајно намалување на физичката побарувачка – оценуваат аналитичарите.
Падот силно се одрази и на рударските компании и златните фондови, додека дел од инвеститорите го искористија моментот за заклучување на добивките. Иако експертите сметаат дека долгорочно златото останува сигурна инвестиција, моменталниот пад се толкува како предупредување за инвеститорите дека ни најстабилните пазари не се имуни на нагли пресврти – дури ни оние позлатените.
Сепак, многу аналитичари остануваат оптимистични, предвидувајќи дека златото би можело повторно да се движи нагоре во текот на следната година, поттикнато од побарувачката на централните банки и глобалните економски ризици.
Пред две недели вртоглав пад имаше и кај вредноста на биткоинот.
Инаку, еврото изгуби повеќе од 80% од својата вредност мерена во злато од неговото воведување во 1999 година. Според Бернхард Матес, менаџерот на Bank für Kirche und Caritas eG, ова е последица на мерките преземени од централните банки кои спроведуваат екстремно лабава монетарна политика, па парите вредат помалку, а еврото е најизложено.
На 4 јануари 1999 година, за едно евро можеше да се добијат 128 милиграми злато, а денес само 23 милиграми. Сличен е примерот во однос на доларот, додека швајцарскиот франк изгуби две третини од својата вредност.
Интересна е и споредбата со некои производи. Во 1906 година, кригла пиво на Октоберфест чинела 0,38 марки или 0,14 грама злато, а на овогодинешниот фестивал на пивото во Минхен, за пиво морало да се издвојат 11,50 евра, или 0,26 грама злато, што е речиси двојно повеќе од пред 113 години.