И покрај најновото зголемување на цените, горивата во Македонија и натаму се меѓу поевтините во регионот и во поголемиот дел од Европа, покажува споредбата на податоците од платформата Fuelo.eu.

Од денеска бензинот и дизелот се продаваат по повисоки цени како резултат на растот на цената на нафтата на светските пазари. Бензините поскапеа за пет денари по литар, додека дизелот бележи значително поголемо зголемување од 14,5 денари. Со тоа, новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 79,5 денари за литар (1,289 евра), додека ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) се продава по 85,5 денари за литар (1,386 евра).

Сепак, според податоците на Fuelo.eu, цените на горивата во Македонија и натаму се пониски од оние во повеќето соседни држави. Во Бугарија литар бензин од 95 октани чини 1,340 евра, а дизелот 1,440 евра. Во Србија бензинот достигнува 1,520 евра, а дизелот 1,683 евра по литар. Уште повисоки се цените во Грција, каде бензинот се продава за 1,811 евра, а дизелот за 1,698 евра. Во Хрватска пак, бензинот изнесува 1,510 евра, а дизелот 1,550 евра за литар.

Пониска цена на бензинот има во Босна и Херцеговина, каде литар се продава за 1,185 евра, но дизелот таму е нешто поскап и чини 1,435 евра. Поевтини горива има и во Турција, каде бензинот од 95 октани се продава за 1,095 евра по литар, додека дизелот чини 1,264 евра.

Во поголемиот дел од европските држави цените се значително повисоки. Така, во Словенија бензинот изнесува 1,451 евра, а дизелот 1,509 евра. Во Австрија цената на бензинот е 1,660 евра, а дизелот 1,753 евра. Во Белгија бензинот се продава за 1,602 евра, а дизелот за 1,731 евра. Во Германија цените достигнуваат над два евра – бензинот чини 2,074 евра, а дизелот 2,138 евра за литар. Во Шпанија бензинот изнесува 1,659 евра, а дизелот 1,748 евра, додека во Франција тие се 1,875 и 1,960 евра. Во Унгарија бензинот се продава за 1,456 евра, а дизелот за 1,503 евра, а во Италија цените достигнуваат 1,879 евра за бензин и 2,076 евра за дизел.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во земјата има доволни количини на нафта и нафтени деривати и ги увери граѓаните дека нема причина за загриженост. Тој нагласи дека Владата внимателно ја следи состојбата на пазарот и ќе реагира доколку дојде до нагло поскапување.

„Имавме состанок со поголемите дистрибутери на нафта и нафтени деривати и заеднички заклучивме дека има доволно количини. Граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи кај нас цените се значително пониски од оние во соседството. Доколку има драматичен скок на цените, Владата веднаш ќе интервенира, со можност за намалување на акцизата или на ДДВ“, изјави Мицкоски.

Во меѓувреме, светските цени на нафтата покажуваат знаци на стабилизација. Според последните податоци на CNBC, цената на WTI суровата нафта падна на околу 81 долар за барел, додека Brent се движи околу 84 долари за барел. Ден претходно цената достигна и до 119 долари по барел, што е највисоко ниво од почетокот на војната во Украина.

Истовремено, цените на природниот гас во Европа повторно бележат раст и го достигнаа највисокото ниво од јануари 2023 година. На референтната холандска берза ТТФ, мегават-час гас за испорака во април утрово се тргуваше за 62,51 евра, што е за околу 17 проценти повеќе во споредба со крајот на минатата недела. На почетокот на тргувањето цената достигна и 68,63 евра.

Според аналитичарите, растот на цените на гасот е поврзан со одлуката на Русија дел од испораките да ги пренасочи кон азиските пазари, како и со најавената забрана за увоз во Европската Унија. Во споредба со периодот пред нападите врз Иран, цените на гасот во Европа во моментов се речиси двојно повисоки.