Големата индустрија во Северна Македонија добива уште две години за да се усогласи со европските стандарди за контрола на загадувањето.
Собранието минатиот месец го изгласа Законот за контрола на индустриските емисии кој ја транспонира европската Директива 2010/75/ЕУ.
Поставени се построги правила за фабриките, термоцентралите и другите индустриски постројки, но Владата предложила примената на законот да биде две години од денот на стапување во сила.
Според експертите со кои разговаравме – долгиот рок за примена е премногу дарежлив кон индустријата за која сметаат дека веќе две децении има привилегиран статус во однос на примената на еколошките стандарди.
„Знаеме дека новата регулатива ќе бара поголеми административни капацитети во надлежното Министерство за животна средина и просторно планирање, но сепак периодот од две години од усвојување до примена на одредбите е преголем, со оглед дека овој закон се изработува од 2019 година“, вели Елена Николовска од Центарот за истражување и информации за животната средина – „Еко-свест“.
„Институциите уште тогаш беа свесни за новите состојби и потреби кои ќе ги создаде законот. Здравјето на луѓето и животната средина нема цена и не може да чека,“ вели Николовска за Радио Слободна Европа.
- Собранието го донесе Законот за контрола на индустриски емисии со кој се воведува европски стандард за најдобри достапни техники (НДТ) и јавен регистар со сите индустриски постројки и нивните емисии.
- Министерството за животна средина најавува построги контроли и казни и зајакнат кадар и систем за надзор со нова опрема.
- „Еко-свест“: „Две години одложување е премногу — институциите одамна знаат што треба да направат, а здравјето не може да чека.“