Инфлацијата повторно забрза. Државниот завод за статистика измери дека во март скокнала на 4,9 проценти во однос на март лани. Зголемени се и цените на мало за 3,4 отсто. Трошоците за храна и безалкохолни пијалаци пораснале за 7,5 проценти. За една година, поскапеле и облеката, обувките, здравствената заштита, рекреацијата, спортот и културата, а зголемени се и цените во рестораните, како и тие за сместување, образование. Во однос на февруари пак, трошоците за живот се повисоки за 0,7%.
И проценките на Владата биле дека во март инфлацијата ќе забрза и ќе се движи меѓу 4,5 и 5 проценти. Премиерот Мицкоски вели прават анализи. Нови таргетирани мерки најавува за после Велигден.
-Следните мерки би биле повеќе таргетирани, за одредени целни групи на граѓани и за основните производи, зборувам тука за основните прехранбени производи. И тие мерки би биле комбинирани и со намалување на Данокот на додадена вредност, но и со ограничување на профитната маржа, вели премиерот Мицкоски.
Експертите алармираа дека ударот врз инфлацијата од кризата на Блискиот исток може да биде и до три пати поголем од тој во 2022 година и побараа итни мерки од Владата за заштита на стандардот на граѓаните. Премиерот пак вели дека со намалувањето на ДДВ-то и акцизата за горивата ги преполовиле можностите за двојно поголема инфлација од тоа коешто се очекувало.
Таргетирани и поефикасни мерки веднаш бараат и синдикалците.
-Инфлацијата кај сиромашните, кај луѓето со минимална плата, блиску до минимална плата или луѓето со под 600 евра плата во Македонија кои се 50 проценти од вкупниот број на вработени во државата, инфлацијата не изнесува оние 3,5 – 4,5 или 5 проценти затоа што тие парите ги трошат на основните производи и кога ќе заминат во маркетите цените на овие производи се зголемени за 10-15 или 20 проценти, што можеме да видиме, особено со зеленчукот во изминатиот период, најавата за зголемување на цената на лебот за десетина проценти тогаш нивната инфлација можеби надминува 15 проценти, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.
Статистиката пак покажува дека во март годинава во однос на март лани во делот на храната најголем скок има кај овошјето од 12,7 проценти. Млекото, јајцата и другите млечни производи поскапеле за 8 отсто, кај маслата и мастите поскапувањето е речиси 7 проценти. Кафето кое е берзански производ има неверојатен скок од 25 проценти. Поевтинување има кај зеленчукот.