Тековните разговори за нуклеарната програма отвораат перспективи за соработка меѓу Техеран и Вашингтон во енергетскиот сектор, со фокус на нафта и гас, истакна иранскиот министер за нафта Мохсен Пакнеџад, според извештајот на иранската новинска агенција Мехр.

“Се е остварливо”, одговори Пакнеџад на прашањето за можностите за иранско-американско партнерство во индустријата за нафта и гас, во контекст на нуклеарните разговори, објави истата агенција. Сепак, министерот додаде дека сè уште не е извесно дали ваквата соработка ќе се реализира.

Уште во средината на февруари, Хамид Ганбари, претставник за економска дипломатија при иранското Министерство за надворешни работи, според извештајот на Мехр, наведе дека заедничките интереси во енергетскиот сектор, инвестициите во рударството, па дури и набавката на авиони, се дел од дискусиите со САД.

Неименуван висок ирански функционер вчера потврди дека, како дел од преговорите, Иран им понудил на американски компании учество во значајни ирански енергетски проекти. „На американските компании им се понудени перспективи за сериозни инвестиции и конкретни економски бенефиции во иранската нафтена индустрија, како дел од преговараниот економски пакет“, пренесоа британски медиуми зборови на функционерот.

Функционерот нагласи дека Техеран нема да се откаже од контролата врз своите нафтени и минерални богатства. „САД можат да бидат исклучиво економски партнери на Иран, ништо повеќе. Американските компании секогаш можат да бидат ангажирани во експлоатацијата на иранските нафтени и гасни наоѓалишта, но во улога на подизведувачи“, изјави тој.

Вториот круг од индиректните нуклеарни преговори помеѓу Иран и САД се одржа во Женева на 17 февруари. Во врска со овој состанок, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, рече дека разговорите се воделе во сериозна атмосфера и биле посолидни од претходниот круг, според објавата на Мехр.

Закажан за следниот четврток, третиот круг од преговорите исто така ќе се одржи во Женева, како што објави во неделата министерот за надворешни работи на Оман, Бадр Албусаиди.