Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за инфраструктурните проекти во општините од владината програма за децентрализација открива дека од октомври 2024 до октомври 2025 година, односно во последната година пред изборите, Владата испланира 250 милиони евра за инфраструктурни проекти на општините, и од тие пари им одобри 112 милиони евра преку шест министерства (Транспорт, Спорт, Образование, Животна средина, Социјална политика и Култура), од парите од т.н. Унгарски заем.
Само за 11 проекти (нецел 1 %), односно 4,3 милиони евра (нецели 3 %) од средствата може да се процени дека директно се однесуваат на подобрување на условите за живот и работа на жените, младите и маргинализираните групи, открива ЦГК.
Првата одлука за распределба на 71,1 милиони евра ја донесе во октомври 2024, наменети за 288 општински проекти, избрани на претходно објавен јавен оглас. Пари од оваа транша не им беа одобрени само на три општини – Град Скопје, Струмица и Сарај.
Втората одлука за распределба на дополнителни 41,4 милиони евра за 828 проекти Владата ја донесе на 4 јули 2025, односно нецели три месеци пред изборите. Од оваа транша, пари добија сите општини освен Град Скопје. Од јули до 9 август (денот на распишување на изборите), речиси сите општини направија ребаланси на Буџетот за да ги вметнат овие пари и да можат непречено да ги спроведуваат проектите во последните два месеци пред изборите.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации уште покажува дека наместо првично најавените 250 милиони евра, сега се скратени на 149 милиони за да се користат до 2027 година.
Според истражувањето, Владата им пуштила пари на општините во предизборна година и тоа за локални избори, а веднаш по изборите направила значително кратење на Буџетот. Најчести проекти, и покрај тоа што беа најавени како развојни, се за асфалт, крпење дупки или канализација и најчесто доминираат неколку фирми кои ги добивале тендерите.
ЦГК потсетува дека фискалниот совет идентификуваше два ризик-фактори во врска со овие проекти: (1) можноста да се протолкуваат како популистичка мерка пред избори и (2) поради изборите и нецелосна функционалност на општините, можноста голем дел од овие средства да не се искористат целосно или да не се искористат ефикасно.
Иако одобри проекти за 71 милион евра за 2024, ЦГК укажува дека Владата во Буџетот за 2024 година „резервираше“ само 15,5 милиони евра, а реално потроши само 345 илјади евра. Оттука, овие пари се споија со парите за проектите за следната, 2025 година, и во Буџетот за оваа година Владата испланира 102 милиони евра за овие проекти.
Веднаш по завршувањето на изборите, открица ЦГК; Владата направи значително кратење на парите во Буџетот за овие проекти, и тоа прво, со Одлуката за прераспределба на средства во Буџетот, 102-та милиони евра се намалени на 44 милиони евра, односно за 58 милиони евра. Потоа, со новиот Буџет за 2026 година се намалија парите кои претходно беа планирани за 2026 и за 2027 година, и тоа: за 2026 беа планирани 70 милиони, кои се скратени на 41 милион, а за 2027 година беа планирани 77 милиони, кои според планот сега се скратени на 63 милиони. Со ова, почетните 250 милиони евра за општински проекти од Унгарскиот заем сега се скратени на 149 милиони евра.
Инаку, по општини, најмногу пари, над 5 милиони евра секоја, беа одобрени за Битола (5,6 мил. евра), Тетово (5,5 мил. евра), Куманово (5,3 мил. евра) и Аеродром (5,3 мил. евра), а блиску е и Прилеп (4,4 мил. евра).