Европската комисија предупредува, економијата на Македонија е стабилна, но реформите се закочени. Фискалната дисциплина е намалена, јавниот долг расте, а владините мерки се доцни и половични.

Во најновиот извештај за проширувањето, Брисел вели, фискалната консолидација е одложена, а владата не го спровела целосно новиот Закон за буџет. Буџетскиот дефицит е 4,4% од БДП што е повисок од планираното, капиталните инвестиции се намалени, а тековните расходи растат. Се троши повеќе за плати и пензии, додека развојните проекти тапкаат во место. Растот на јавниот долг за Брисел е „загрижувачки тренд“.

Владата, според извештајот, ја одложува примената на буџетското правило за дефицит и ја проширува јавната потрошувачка пред избори. Европската комисија предупредува, македонската економија ризикува да ја изгуби стабилноста ако не се врати контрола врз јавните финансии.

„Владата не постигна напредок во клучните економски реформи. Фискалната консолидација беше одложена, а фискалната рамка останува слаба. Јавниот долг порасна на 62,4% од БДП во 2024 година, од 49,2% во 2019, додека притисоците од трошоци продолжуваат да растат. Политиките не се целосно усогласени со инфлаторните и фискалните предизвици.“

Инфлацијата, пак, иако забави на 3,5% во 2024, повторно се забрзува поради поскапувањето на храната. Дури и со привремените ограничувања на профитните маржи, ценовниот притисок не стивнува. Платите растат, но продуктивноста е речиси во место, што за Брисел го намалува надворешниот конкурентен капацитет. Но во извештајот има и светли точки. Банкарскиот систем е стабилен, со минимални ненаплатливи кредити и висока ликвидност.

Невработеноста е историски најниска, 12,5%, но младите сè уште ја бараат шансата надвор од земјата. Иако извозот падна, трговијата со Европската унија останува доминантна, над 60% од вкупната размена. Во делот за реформи, Европската комисија констатира дека дигитализацијата напредува бавно, енергетската транзиција е во застој, а проектите на Коридорите 8 и 10Д се одложени до 2029 година.

„Макроекономските и буџетските прогнози често се преголемо оптимистички и вообичаено немаат прецизно пресметани фискални ефекти на новите предлози. Дополнително, фискалните податоци се нецелосни, бидејќи голем дел од јавните институции не се вклучени.“

Извештајот ја препознава стабилноста, но и забавеното темпо на реформи. За Европската комисија, следниот чекор е јасен, повеќе реформи, подобра рамнотежа на јавните финансии и поефикасна примена на економските политики.