Младите Американци сè почесто се одлучуваат да инвестираат на берзите наместо да купуваат сопствен дом, покажуваат анализите на финансискиот гигант JPMorgan Chase.
Според банката, високите каматни стапки на хипотекарните кредити, растот на цените на недвижностите и сè поголемите животни трошоци ги оттурнуваат младите од пазарот на домување. Наместо тоа, тие го насочуваат својот капитал кон акции, инвестициски фондови и други финансиски инструменти, надевајќи се на повисоки и побрзи приноси.
Аналитичарите посочуваат дека дигиталните платформи за тргување и лесниот пристап до финансиски информации дополнително го поттикнуваат овој тренд. За разлика од претходните генерации, кои сопствен дом го сметаа за клучен чекор кон финансиска стабилност, денешните млади се повеќе ја гледаат флексибилноста и ликвидноста како приоритет.
Од JPMorgan Chase оценуваат дека овој тренд може да има долгорочно влијание врз пазарот на недвижности, особено ако каматните стапки останат високи. Во исто време, зголемениот интерес за берзански инвестиции може да придонесе за поголема динамика на финансиските пазари.
Експертите нагласуваат дека иако вложувањето во акции носи потенцијал за повисок принос, тоа подразбира и поголем ризик, па затоа е важно младите инвеститори внимателно да ги проценат своите финансиски можности и долгорочни цели.