Во 2021, при промената на власта во општините, тамошните јавни претпријатија должеа 4,2 милијарди денари. Четири години подоцна, во 2025, долгот се зголеми астрономски – стигна до 9 милијарди денари.

Уште Адам Смит а подоцна и врвни економисти, пред сѐ либерални, ја застапуваат тезата  дека државата е лош стопанственик и дека треба сѐ да се препушти на „невидливата рака“ на пазарот и на приватната сопственост кои се поефикасени регулатори на цените на производите и услугите.

Тоа беше и една од главните критики на социјалистичкото уредување и општествената сопственост кај нас како и една од причините за транзицијата на сопственоста и целокупото редефинирање на општеството на крајот на осумдесетите и почетокот на деведесеттите.

Состојбите во јавните претпријатија и акционерските друштва во државна и општинска сопственост во Македонија одат во прилог на оваа теза. Финансиските дубиози, ниското ниво на услугите во дејностите за кои постојат стануваат сѐ поактуелни. Тие се предмет на опсервација на разни тинк-тенк организации, здруженија, економски аналитичари.

Но, како и обично, доцна се отвора прашањето, а и доколку се отвори, се приоѓа површно и без решенија за надминување на состојбите. Опозицијата, која било и да е, во најголем број случаи ја обвинува власта. Тинк-тенк организациите се занимаваат со оваа проблематика колку да ги оправдаат финансиските средства кои најчесто ги добиваат од донатори и најчесто констатираат состојби. Владата и градоначалниците, од која било политичка гарнитура, настојуваат да го амортизираат проблемот во јавноста, сѐ со цел во нивно време да не дојде до поголеми потреси, без притоа да ја согледаат суштината на проблемите и да бараат излезни решенија.

Таквиот пристап само го продлабочува проблемот и го одложува решението со зголемени последици.

Јавните претпријатија се основаат за вршење на дејности од јавен интерес. Нивното постоење е пред сѐ за да оневозможи приватниот интерес за профит да надвладее над потребите на заедницата, односно над интересот на граѓанинот.

Тие треба да го имаат предвид задоволувањето на потребите на граѓаните во одредени сфери под најповолни услови и при тоа, граѓанинот да  добие максимално квалитетни услуги со најмали трошоци. Токму затоа тие дејствуваат во комуналната сфера, инфраструктурата и енергијата. Но, тоа не значи дека тие треба да работаат без исполнување на основните правила на економското работење, а тоа е позитивен деловен успех.

Најголем дел јавните претпријатија, ако не и сите, се во исклучителна неповолна финансиска состојба. Од година во година генерираат долгови и загуби, речиси не вложуваат во нова опрема и со тешкотии ја обавуваат дејноста за која се основани. Станува дискутабилно и нивното функционирање и опстојување.

Според извештајот на Министерството за финансии на крајот на септември на минатата година јавните претпријатија и акционерски друштва во државна и општинска сопственост имаат вкупни долгови од над 41 милијарда денари или 680 милиони евра.

Од тоа над 9 милијарди се на општинските јавни претпријатија, а 32,5 милијарди се на државните јавни препријатија и акционерски друштва во државна сопственост

Воочливо е дека долгот последниве четири години расте во континуитет. Во септември 2018 година долгот на општинските јавни пртпријатија е речиси 4 милијарди денари. Во услови на здравствена криза, корона, кога голем дел од општинските јавни претпријатија вршат дополнителни активности а за тоа не добиваат дополнителни средства, за три години од 2018 до 2021 година растот на долгот е незначителни 200 милиони денари. Тоа значи во септември 2021 година, кога доаѓаат нова гарнитура на градоначалници, долгот е 4,2 милијарди денари. Денес во однос на 2021 година  долгот е повеќе од удвоен и е над 9 милијарди денари. Од вкупниот долг на општинските претпријатија осум милијарди се доспеани а неплатени обврски.

Карактеристично е што голем дел од општините не ги пуштаат првите позиции за задолжени  јавни претпријатија, што би рекле, задолжени до гуша. Тука се градот Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар, Струмица. Но има општини кои по геометриска прогресија драстично ги зголемиле долговите на јавните претпријатија во последните четири години, како што се Охрид, Струга, Штип. Во таа група е и Битола, каде јавните претпријатија беа речиси без долгови во 2021 година, а денес некои тонат во долгови и се во првата десетка на задолжени јавни претпријатија во државата.

Според толкувањата на одговорните – градоначалниците и директорите – главните причини за исклучително лошата финансика состојба биле растот на цената на електричната енергија и растот на платите. Но, дали е така?

Највисока, и тоа екстремно висока цена на електричната енергија има во 2022 година. Може да се земе како релевантно оправдувањето за зголемени трошоци на јавните претпријатија во таа година. Но само на оние кои директно се поврзани со поголема потрошувачка на електрична енергија, пример водоводните претпријатија кои користат пумпи. Што е тоа што дрстично ги зголеми трошоците на претпријатијата за собирање на комунален отпад, за зеленило или за одржување на канализациски системи и јавни паркиралишта.

Ако тоа е толкувањето за 2022, тогаш кое е оправдувањето за зголемени долгови во наредните три години до денес, кои растат со исто темпо како во 2022 година. Дури најголем раст на долговите има во 2024 година, кога цената на електричната енергија е стабилна и речиси двојно пониска од 2022 година. Исто е и за 2025 година. Тоа значи дека цената на електричната енергија повеќе не е фактор за раст на долговите во однос на 2021 година.

Ако трошоците за електрична енергија последните години се намалени останува проблемот со платите.

Градоначалниците и директорите вината за зголемените долгови ја бараат во зголемување на минималната плата.

Но нема градоначалник и директор на јавно претпријатие кој ќе зборува за превработеност и лоша структура на вработеност за да ги намали расходите за плати, иако податоците покажуваат дека платите не се најголемиот издаток на јавните претпријатија.

Одтука не држи тезата дека платите и електричната енергија се главните фактори за огромните долгови на јавните претпријатија.

Главниот проблем е во управувањето и раководењето на јавните претпријатија. Никој не сака да се зафати со проблемот на превработеност во јавните претпријатија. Никој н есака да се зафати со јавните набавки  и вкупните  расходи, особено на оние кои не се поврзани со дејноста за кое е основано претпријатието и честопати немаат никаква оправданост.

Направил ли некој споредба по која цена претпријатијата набавуваат репроматријали добиени на јавни набавки со цените во малопродажба. Целта на јавните набавки е добивање на пониска цена од малопродажната, а не повисоки.

Во одделни општини дури не се зафаќат со проблемот за евиденција на обврзниците и редовно наплаќање на сметките.

Управувањето, раководењето и надзорот на работењето на претпријатијата е целосно во рацете на партиите кои освоиле власт. Никој, баш никој не може да биде одговорен за работењето на претпријатијата освен управните и надзорните одбори и директорите на јавните претпријатија и тие што вршат контрола над нив, односно владата, градоначалниците и општинските совети кои го сочинуваат мнозинството.

Следејќи како се третира темата од медиумите особено оние блиски или целосно под контрола на централната или локалната власт се подготвува терен за зголемување на цената на услугите, пред сѐ на локално ниво. Веќе не е прашање дека цените на голем дел од услугите ќе се зголемат, туку колку и кога. Владејачките партии кои имаат апсолутна власт во државата, прават калкулации, но единствено од што се водат е како тоа ќе им се одрази на нивниот рејтинг.

Нивниот пиар подготвува терен дека зголемувањето на цените не е од нив туку од регулаторната комисија, притоа избегнувајќи да кажат кои се причините за зголемени цени, односно дека зголемените трошоци и загуби се главната причина за зголемени цени кои регулаторна комисија само ќе ги верифицира.

Зголемените цени не се решението. Бидејќи и со зголемени цени главните индикатори за состојбите нема да бидат отстранети а тоа се лошото, нестручно, недомаќинско и неодговорно управување и раководење со јавните претпријатија.

Јавните претпријатија не смеат да бидат институции преку кои ќе се води социјалната политика, но не смеат да бидат ниту субјекти кои со цените на услугите ќе ја продлабочуваат сиромаштијата во државата и ќе ги задоволуваат апетитите на партиите. Тие треба низ соодветен систем на управување и раководење да бидат сервис на граѓаните кој ќе нуди квалитетни услуги по најниски цени.

Лошото  работење не може да оди до бескрај. Треба да се бара излезот. Ако остане статус-кво сосотојбата ќе повлече многу од субјектите кои имаат побарувања од претпријатијата.

Дотации или субвенции од страна на државата и општините не се решение и е рискантно, бидејќи ќе се рефлектира на вкупната задолженост на државата и општините.

Затоа решението треба да се бара во друга насока. Дел треба да бидат поврзани со измени во законите кои ја регулираат оваа област. Законските решенија треба да дефинираат строги критериуми за избор на директори. Директори кои покажале негативни финансиски резултати да бидат разрешувани и пред истекот на мандатот и да не можат да бидат бирани на раководни функции во државна и општинска сопственост.

Да се спроведува законот и управните и надзорните одбори да се бираат на конкурс, да бидат пред време разрешувани ако претпријатието во кое членувале има негативни финансиски резултати, и истите да немаат право повторно да бидат бирани во други претпријатија.

Програмите, плановите и извештаите за работа на јавните претпријатија да не бидат само задоволување на формата пред општинските совети, градоначалниците или владата, туку нивната реализација и успешност да бидат основот за тоа кој, како и колку ќе управува и раководи со јавните претпријатија.

Да се навратиме на онаа либерално тврдење дека државата е најлошиот стопанственик. Тоа во наш случај може да се преведе дека партијата е најлош стопанственик, уште поточно речено, најголем штетник за граѓанинот кога се во прашање цените и квалитетот на услугите на јавните претпријатија. А можеби партиите свесно ги уриваат јавните претпријатија и гледаат можност за редефинирање на системот за давање на услуги на граѓаните и влегување на приватниот капитал во комуналните сфери.

(Слободан Најдовски – економски аналитичар)