Во објава на Фејсбук, Калина Коси пишува дека никогаш не го поддржуала Мој ДДВ. Во објавата, таа образложува дека оваа мерка не ги правела граѓаните инспектори во борбата против сивата економија, туку питачи за фискални.
„Мерката требала да ги направи граѓаните своевидни даночни инспектори, демек да барале фискални сметки од продавачите и така да се намалела сивата економија. Мижи Асан. Оди побарај фискална на Пластичарска да те видам. Парагон блокчиња немаат, не па фискални апарати. И ние граѓаните ќе бидеме даночни инспектори? Државата кај е? Или не смее таму да влезе? Па влегува само од оваа страна на Вардар зошто е неспособна да спроведе ред насекаде. За некого мајка, за некого маќеа. Епа не се праи така држава и не се бори така со сива економија. А кога законите не ти важат за сите подеднакво, значи дека немаш држава! Крај на муабетот“, вели Калина.
Вели дека Мој ДДВ не ги направи граѓаните инспектори, туку питачи за фискални.
„Бараат по Фејсбук да не има некој вишок сметка да ја скенира, одат по кафичи по маси собираат фискални, на каса во маркет се грабаат по расфрлани сметки кои што некој ги заборавил или оставил, се молат по луѓе за сметки од бензиска… Се ова сум видела со свои очи. Понижувачки! Зошто? За 700 денари месечно. Нит ќе се обогатиш, нит со тие пари можеш макар една сметка да платиш. Најстрашното е што народов е толку многу сиромашен што и тие пари многу му значат! Политичарите ќе лапаат милиони, а народов ќе питачи за 700 бедни денари! Мизерија! Крај и на овој муабет“, објаснува во објавата.
За крај обвинува дека функционерите сакаат и тие пари да ги земат од граѓаните.
„Знаете зошто мерката не била ефикасна? Не е ефикасна затоа што 14.5 милиони евра секои 3 месеци завршуваат кај 500 илјади домаќинства, а не кај функционерите во џеб! Малку им се парите што ни ги крадат, толку се алчни што и до тие 700 денари им стало, па сакаат да не одерат до гола коска! За леб и трошки да питаме! Ќе цркнат од мака што им ги зимаме! Ете затоа не е ефикасна. Само затоа! Крај на прикаската“, напиша Калина Коси.