Помеѓу ризик и доверба, помеѓу структура и интуиција, денес се води една поинаква финансиска игра. Не онаа што ја знаевме, туку онаа што допрва ја учиме.

Ова не е интервју за тоа што е P2P.

Ова е разговор за тоа како капиталот се движи денес, кој го контролира и зошто довербата станува поважна од институциите.

На едната страна е Теодор Тодоровски, човекот што гради инфраструктура, систем што ја прави инвестицијата достапна.

На другата е Гого Рафајловски, човек што секојдневно одлучува каде капиталот има смисла, а каде е само добра приказна.

Еден гради систем.

Другиот одлучува дали вреди да се влезе во него.

Ако треба да ја објасните P2P MK без да го користите зборот „платформа“, што всушност градите?

 

Теодор Тодоровски:

Градиме инфраструктура за доверба помеѓу луѓе што имаат капитал и луѓе што знаат како да го користат, не посредуваме само во трансакција, туку во одлука. Во суштина, тоа е систем што им дозволува на луѓето директно да учествуваат во економијата, наместо да бидат само нејзини набљудувачи.

 

Во земја каде довербата во финансиски системи не е на високо ниво, како ја градите довербата од нула?

 

Теодор Тодоровски:

Со радикална транспарентност и дисциплина. Довербата не се гради со кампањи, туку со доследност, како ги селектираме проектите, како ги комуницираме ризиците и како реагираме кога нешто не оди според план. На крај, довербата е резултат, не ветување.

Илузијата за „лесни пари“.

Кој е најголемиот мит за P2P lending што сакате да исчезне?

 

Теодор Тодоровски:

Дека е лесна заработка. Ова е инвестирање, а инвестирањето секогаш подразбира ризик и одговорност. P2P не го елиминира ризикот, само го прави појасен и подостапен.

 

Што прави една инвестиција добра од перспектива на платформата, не на инвеститорот?

 

Теодор Тодоровски:

Добра инвестиција е онаа што е одржлива. Не бараме само принос, туку стабилност на моделот, реална можност за враќање и транспарентност. Ако нешто изгледа предобро, најчесто не е добро, туку неразбран ризик.

Од другата страна на одлуката

Што прво гледате, идеја, тим или структура?

 

Гого Рафајловски:

Секогаш тимот и пасијата. Пасијата не може да се одглуми, или ја имаш или ја немаш. Се друго може да се подобри, но ако тоа недостасува, нема основа.

 

Каде P2P моделот има повеќе логика од класичен фонд?

 

Гого Рафајловски:

Кога сакаш флексибилност, побрзи одлуки и директна врска со инвеститорите. Во рана фаза, довербата и контактот често прават поголема разлика од формалната структура.

 

Колку алгоритмот одлучува, а колку човекот?

 

Теодор Тодоровски:

Алгоритмот помага да се структурира ризикот, човекот носи одлука. Технологијата дава брзина, но финалната проценка секогаш има човечки елемент.

Што прави разлика помеѓу паметни пари и брзи пари?

 

Гого Рафајловски:

Паметните пари те носат на следното ниво. Брзите пари решаваат моментален проблем. Јас секогаш би одбрал паметни пари на долг рок.

Грешките што сите ги прават.

 

Каде најчесто грешат корисниците?

 

Теодор Тодоровски:

Влегуваат со погрешни очекувања, или мислат дека е премногу безбедно, или дека е брз профит. И двете се погрешни.

 

Колку емоцијата има место во инвестирањето?

 

Гого Рафајловски:

Повеќе отколку што мислиме. Ако инвестицијата ти дава мир, тоа е добар знак. Не се само бројки, туку и чувство дека си направил правилен избор.

Дали P2P е алтернатива на банки?

 

Теодор Тодоровски:

Банките се институции, P2P е модел. Не заменуваме, туку отвораме нов канал.

 

Кога не инвестираш, иако изгледа добро?

 

Гого Рафајловски:

Кога има повеќе црвени знамиња. Ако изгледа премногу добро, најчесто не е вистинито.

 

Што никогаш не би дозволил?

 

Теодор Тодоровски:

Компромис со квалитетот. Раст без доверба е краткорочен.

 

Што нервира во стартап светот?

 

Гого Рафајловски:

Претерани валуации без реална основа. Вредноста треба да расте со бизнисот, не пред него.

Кој ја контролира играта?

 

Теодор: Капиталот ја има моќта, платформите ја имаат логиката.

Гого: Платформите сè повеќе го насочуваат капиталот таму каде што е најисплатливо.

 

Доверба, технологија или луѓе?

 

Теодор: Технологијата олеснува, луѓето создаваат.

Гого: Секогаш луѓето, технологијата е алатка.

 

Иднината на инвестирањето?

 

Теодор: Масовен пристап, селективни одлуки.

Гого: Сè помасовна, но бара едукација за да биде успешна.

Најголем ризик?

 

Теодор: Да не инвестираш е сигурна загуба.

Гого: Да не се обидеш воопшто.

 

Ако исчезнат банките?

 

Теодор: Системот ќе се промени, не нужно ќе стане подобар.

Гого: Ќе се појават нови играчи, иновацијата е неизбежна.

 

Дуел Прашања

  •   1 збор за ризик
  •   1 збор за доверба
  •   најлоша инвестиција што ја виделе
  •   што никогаш не би финансирале
  •   што сите потценуваат во финансии

 

Теодор

Ризик: неизбежност

Доверба: конзистентност

Најлоша инвестиција: онаа што изгледала сигурно

Никогаш не би финансирал: нешто што не го разбирам

Потценето: трпение

 

Гого

Ризик: потребен

Доверба: клучна

Најлоша инвестиција: без логика и убедување

Никогаш не би финансирал: бизнис без интегритет

Потценето: трпение

 

 

Ако треба да убедите некого што никогаш не инвестирал?

 

Теодор Тодоровски:

Инвестирај за да разбереш како функционира вредноста.

 

Гого Рафајловски:

Почни малку, но почни веднаш.