По неколку години застој, кавадаречкиот комбинат за фероникел повторно ќе почне со работа. Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев, денеска најави рестарт на поранешно „Фени“, сега под името „Golden Eagle“.
Работниците ќе се враќаат постепено, а производството треба да стартува веќе напролет. Иако тусрскиот гигант Јулдирим кој пред две години ја купи фабриката, пред нова година се откажа од неа и ја изгаси печката, набрзо се случи пресврт.
Според Јанчев, во првата фаза во фабриката ќе се вратат на работа 160 работници, по што ќе следува и втора фаза со ангажирање на дополнителни 500 лица.
За почеток руда ќе се донесе од фабриката која истиот газда ја има на Косово, а се очекува и количина која со брод ќе се транспортира од нивниот рудник во Африка, до фабриката во Кавадарци. Од Синдикатот на индустријата информираат дека процесот на подготовка за рестарт веќе се одвива.
И првиот човек на СИЕР Игор Герасов потврди дека од април постепено ќе започне враќањето на сите вработени. Фабриката за фероникел во Кавадарци пред две години ја купи турската групација Јилдирим, глобален индустриски конгломерат со седишта во Амстердам и Истанбул, кој вработува околу 25 илјади луѓе во повеќе индустриски сектори ширум светот.
Македонската фабрика западна во сериозна криза откако пред повеќе од три години, дотогашниот сопственик Џи Сол ненајавено ја напушти, оставајќи ги работниците без плати и без јасна перспектива. Новиот сопственик најави дека фабриката ќе продолжи да работи под името „Голден игл никел“, со план за целосен рестарт и враќање на сите вработени.