Кога мислиме на перење пари, обично помислуваме на банкарски трансакции, офшор компании и големи износи на пари кои се „движат во сенка“. Но, вложувањето во доброволните пензиски фондови може да биде дел од оваа приказна. Не затоа што правиме нешто погрешно, туку затоа што доброволните пензиски фондови се дел од финансискиот систем и имаат обврска да ги преземаат сите мерки согласно регулативата за спречување перење пари како и останатите финансиски институции. Иако членувањето во третиот столб е врз доброволна основа, друштвата кои управуваат со доброволните пензиски фондови подлежат на строги правила и закони исто како и банките. Зошто ова е добро за лицата кои вложуваат во третиот столб:

– Поголема безбедност: уплатите во третиот столб задолжително се уплаќаат преку трансакциска сметка, што значи двојна контрола – од страна на банките и од пензиските друштва

– Доверба во системот: знаеме дека вложувањата се во сигурно опкружување и систем кој е строго регулиран

– Заштита од измами: контролите помагаат да не се злоупотребуваат вложените пари

Што значи перење пари

Перење пари значи обид да се „исчистат” парите добиени на нелегален начин – од дрога, измами, корупции и слично и да изгледаат како легално заработени и внесени во финансискиот систем. Тоа најчесто се прави преку создавање фиктивни компании, непрофитни организации и вршење навидум легални трансакции преку банки.

Кои мерки за спречување перење пари ги преземаат пензиските друштва

Идентификација и верификација на клиентите (KYC – Know Your Customer)

– Се обезбедуваат лични податоци (име, презиме, МБГ, адреса)

– Се обезбедува валиден документ за идентификација (лична карта/пасош)

– За правните лица се обезбедуваат податоци за компанијата и податоци за управителите и вистинските сопственици, и соодветно се прибираат документи за идентификација

Проценка на ризикот

– Секој клиент се категоризира според степенот на ризик (низок, среден и висок)

– На лицата категоризирани со повисок ризик (на пример, политички експонирани лица, лица на црна листа, непрофитни организации и слично) им се врши посебен надзор

Собирање податоци за потеклото на средствата

– Доколку некој сака да вложи позначаен паричен износво доброволниот пензиски фонд, се бара документ со кој ќе образложи од каде потекнуваат вложените пари

Следење на трансакциите

– Се анализираат уплатите дали се вообичаени според профилот на клиентот

– Доколку некоја трансакција изгледа сомнително (неочекувано висока) се разгледува дополнително

Внатрешни контроли и обуки

– Пензиските друштва мора да имаат интерни програми за управување со ризикот од перење пари

– Вршење внатрешни контроли на процесот за спречување перење пари

– Организирање интерни обуки на вработените и агентите на друштвата

Зошто пензија без ризик?

Согласно Извештајот за спроведена национална проценка на ризикот од перење пари и финансирање на тероризам од Април 2020 година, објавен од Управата за финансиско разузнавање, инхерентниот ризик за перење пари во рамките на друштвата кои управуваат со доброволни пензиски фондови е мал. Не постојат готовински активности, односно уплатите се вршат исклучиво преку трансакциска сметка на клиентите. Поради природата на дејноста, договорите со членовите/компаниите сесклучуваат исклучиво преку агенти посредници. Агентите посредници се обучени и лиценцирани од Агенцијата која врши супервизија на пензиските друштва. Овие се дел од елементите поради кои ризикот за перење пари во рамкитена доброволните пензиски фондови е мал. Но, иако доброволните пензиски фондови не се прва асоцијација кога зборуваме за финансиски криминал, тие се дел од финансискиот систем кој мора да биде подготвен и буден.Токму поради тоа, вложувањето во третиот столб може да се гледа како извор на безбедно инвестирање на нашите средства и заштеди.

Планирањето на пензијата не мора да биде извор на несигурност и страв од иднината. Со вложување во доброволниот пензиски фонд добивате можност за сигурна и предвидлива финансиска поддршка во златните години од животот. Доброволните пензиски фондови нудат флексибилност, професионално управување со средствата и раст на вложеното преку долгорочни инвестиции. Со редовно вложување и информираност, можете да изградите стабилна пензиска заштеда без да преземате голем ризик. Започнете навреме и обезбедете си спокојна пензија и живот без стрес – затоа што иднината започнува денес.

Елена Биневска е дипломиран правник на позиција Стручен соработник за усогласеност со прописи и спречување перење пари во КБ Прво пензиско друштво, со околу 15-годишно искуство во Друштвото на различни позиции.Одговорна е за следење и контрола на усогласеноста на работењето на Друштвото со регулативата, советување и поддршка на организационите единици и Управниот одбор на Друштвото и е овластено лице за СППФТ кое се грижи за спроведување на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, како и за соработка со Управата за финансиско разузнавање.

Супервизор на капитално финансирано пензиско осигурување е Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) www.mapas.mk тел.  02/ 32 24 229