Министерството за трговија на Кина во четврток соопшти дека преговорите со Европската Унија за планот за минимална цена на електрични возила произведени во Кина се обновени и ќе продолжат и следната недела, додека ги повика европските власти да не разговараат директно со производителите.
Европската Унија, која брои 27 земји членки, во октомври 2024 година одобри давачки до 45.3%, откако Европската комисија почна истрага дали кинеските производители на електрични возила имаат корист од неправедни субвенции што може да доведат до презаситување на европскиот пазар.
Кина инсистира дека нејзините производители се едноставно поконкурентни од европските и Пекинг ја повикува Брисел да прифати план за минимална цена наместо тарифите. Аналитичарите велат дека ЕУ е клучен пазар за кинеските производители, кои дома се соочуваат со намалени маржи поради ценовни војни и дефлација.
„Кина го поздравува обновеното заложување на ЕУ да ги рестартира преговорите за ценовниот договор и ја цени нејзината подготвеност да се врати на патот на решавање на разликите преку дијалог,“ рече портпаролот на министерството за трговија, Хе Јадонг, на редовна прес-конференција.
Тој додаде дека разговорите се одржале во последните денови и ќе продолжат следната недела, без да даде дополнителни детали.
Претходните договори на ЕУ за минимална цена, или т.н. ценовни преземања, се применувале на хомогени суровини, а не на сложени индустриски производи како автомобилите.
Комисијата претходно соопшти дека верува оти единствена минимална цена не би била доволна за да се ублажи штетата предизвикана од субвенциите.