90-дневното примирје меѓу САД и Кина во трговската војна е прекратко, напиша кинескиот државен медиум „Глобал тајмс“, додека претставниците на двете најголеми економии во светот се прегрупираат во Кореја.

На самитот во Женева минатиот викенд, САД се согласија да ги намалат дополнителните тарифи што ги наметнаа на кинескиот увоз минатиот месец од 145 проценти на 30 проценти во текот на следните три месеци, додека Кина вети дека ќе ги намали тарифите на американскиот увоз од 125 проценти на 10 проценти.

„Просторот за меѓусебно корисна соработка треба да се прошири далеку над 90-дневниот период“, пишува „Глобал тајмс“, кој е во сопственост на државниот весник „Пиплс дејли“, и кој често е првиот што во последните години известува за чекорите што Кина има намера да ги преземе во трговските спорови.

„Се надеваме дека американската страна ќе продолжи да ги надградува резултатите од неодамнешните преговори и ќе продолжи да се сретнува со Кина на половина пат“, напиша „Глобал тајмс“.