Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2025 година е усвоен од Владата и веќе е испратен на усвојување во Собранието. Со него се предвидуваат дополнителни средства за повеќе министерства, при што најголем акцент е ставен на социјалната заштита, образованието и инфраструктурата.

Како што информира Министерството за финансии, со ребалансот се предвидува доделување на шест милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во општина Куманово преку Министерството за транспорт. За Министерството за социјална политика, демографија и млади се издвојуваат дополнителни 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци, а пет милиони денари се наменети за Универзитетот „Гоце Делчев“ преку Министерството за образование и наука.

– Со предложениот ребаланс се обезбедуваат средства за редовно сервисирање на обврските на буџетските корисници, како и за зголемување на платите, исплата на пензии и капитални инвестиции, наведуваат од Министерството за финансии.

Промените предвидуваат и дополнителни средства за исплата на плати, особено во Министерството за внатрешни работи, каде што е предвидено зголемување од 10 проценти на платите. Ребалансот обезбедува и 300 милиони денари за капитални расходи, а вкупните капитални инвестиции се планирани на ниво од 47,4 милијарди денари.

Владата продолжува со финансиската поддршка за општините, при што досега се обезбедени дополнителни 584 милиони денари преку прераспределба на средства.

Вкупните приходи со ребалансот се проектирани на 362,4 милијарди денари, што е зголемување за околу еден процент, односно 3,5 милијарди денари. Расходите исто така се зголемуваат за околу еден процент и достигнуваат 403,7 милијарди денари. Буџетскиот дефицит останува непроменет – 41,3 милијарди денари или 4% од БДП.