Ако финансиската одговорност би се мерела според уплатите на тикети во обложувалници и фрлените пари во коцкарници, Македонија веројатно е меѓу земјите зависнички од игри на среќа. Лековерноста или, пак, надежта за брза и лесна заработка се толку големи што граѓаните не се откажуваат од фрлање пари на коцка дури ни кога инфлацијата им јаде голем дел од личниот и семејниот буџет. Овој финансиски парадокс присутен во македонското општество со години во 2024 година зеде уште поголем замав.
Но, податоците за финансиските вложувања на населението во 2024 година, што ги анализира Пари, сепак откриваат и нешто ново. За разлика од 2023 година, граѓаните сè повеќе ја прифаќаат и идејата за разумно инвестирање во сопствената финансиска иднина. Па така, растат нивните заштеди во банките со уште поголеми стапки, а сè поголем интерес постои и за инвестирање во инвестициски фондови. Интересот за хартии од вредност на Македонската берза исто така пораснал. Дури и доброволното пензиско и животното осигурување, традиционално маргинализирани во перцепцијата на просечниот инвеститор, бележат раст – скромен, но охрабрувачки.
Во обложувалниците и коцкарниците во земјава граѓаните минатата година оставиле 51,4 милијарди денари, што е рамно на 836,3 милиони евра. Поведени од нагонот за заработка без мака, минатата година решиле да вложат уште повеќе пари во игрите на среќа во споредба со 2023 година, зголемувајќи го својот влог за речиси 3 милијарди денари, односно за 45,3 милиони евра.
Дали со подеднаква страст граѓаните вложуваат пари и во разумни инвестиции, кои им стојат на располагање и им носат или може да им донесат дополнителен принос?
Во банките и штедилниците на крајот од 2024 година граѓаните имале депозити во вкупен износ од 396,9 милијарди денари (6,5 милијарди евра). За една година заштедите ги зголемиле за 48,2 милијарди денари, односно за 783 милиони евра. Овој износ е помал отколку парите фрлени во обложувалници и коцкарници, но барем е поголем од растот во 2023 година, кога заштедите на граѓаните пораснаа за 417 милиони евра. Просечната каматна стапка за штедење во 2024 година изнесуваше 2,5 насто.
Минатата година, граѓаните ги зголемиле и своите вложувања во хартии од вредност на Македонската берза. Вкупниот промет од тргување со акции и обврзници на Македонската берза во 2024 година изнесуваше 217,9 милиони евра, кој откако ќе се подели со два затоа што е пресметан врз основа на двојно евидентирање (и при купување и при продавање), излегува дека прометот на куповната страна изнесувал 109 милиони евра. Од ова, во просек 55 насто отпаѓаат на куповни трансакции на физички лица, што значи граѓаните вложиле на Берзата околу 54,5 милиони евра. Главниот берзански индекс МБИ 10 минатата година имаше годишен раст од фантастични 66,78 насто.
Дефинитивно, во 2024 година граѓаните биле порасположени и за вложувања во инвестициски фондови. За една година овде инвестирале 7,1 милијарда денари (115,6 милиони евра), што претставува речиси 4 пати повеќе отколку во 2023 година. Приносот на инвестициските фондови во првите девет месеци од минатата година, според последно објавените податоци од Комисијата за хартии од вредност, се движеше и до 41,18 насто. Од вкупно 23 инвестициски фондови, дури 21 фонд ги завршиле првите девет месеци од минатата година со позитивни стапки на принос.
Примарна цел на доброволното пензиско осигурување е обезбедување повисоки приходи по пензионирањето. Во приватните доброволни пензиски фондови на крајот од минатата година имало околу 33.000 осигуреници, односно за една година нивниот број се зголемил за 2.072 члена. Сè уште само 2,2 насто од вкупното работоспособно население во земјава членува во приватните доброволни пензиски фондови, а од вкупното активно население во државата само 4,2 насто. Просечната возраст на членовите е од 44 до 50 години. Во текот на 2024 година во доброволните пензиски фондови се уплатени вкупно 533,92 милиони денари, што е за 23,61 насто повеќе отколку во 2023 година. Приносот што го остваруваат приватните доброволни пензиски фондови се движи и до 5,74 насто.
Кај осигурителните компании за животно осигурување, пак, во 2024 година е евидентирана полисирана бруто-премија во вкупен износ од 47,1 милион евра, што претставува зголемување од околу 6,5 милиони евра во однос на претходната година, кога вредноста на полисираната бруто-премија изнесуваше 40,5 милиони евра.
Прашањето е дали конечно сме на прагот на финансиска зрелост? Во 2024 година, Македонија не се одрече од игрите на среќа, но вложи повеќе од кога било во она што значи сигурност и безгрижна иднина. Патот кон вистинската финансиска писменост е сè уште долг, но барем граѓаните не ја чекаат среќата само во обложувалниците и коцкарниците.