Големиот број на ангажирани лица преку приватни агенции за вработување, определено време и договор на дело за вршење на дејноста на СОЗР, влијае на континуираното обезбедување на услуги за други институции како и на квалитетот на информациите презентирани во финансиските извештаи за државните органи кои ги користат услугите.
Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија (СОЗР) заедно со ревизија на усогласеност за 2024 година издаде четири извештаи:
Со извршената ревизија утврдивме состојби кои укажуваат на слабости во проценувањето на средствата со кои располага СОЗР:
Земјиште- 19.970.454 илјади денари:
Евиденцијата на земјиштето се води во книги за недвижните ствари и материјалната евиденција по локации, без истото да биде усогласено со податоците за површината со податоците од имотен лист или КП што влијае на проценување на неговата вредност;
сеуште се евидентира земјиштето на улица „Јордан Мијалков“ (стари бараки на СОЗР) во износ од 439.734 илјади денари кое одамна е продадено и се изградени објекти на приватен правен субјект;
за земјиштето во Струмица, Кичево, Куманово, Велес, Штип и Дојран СОЗР нема податоци и информации дали и за што се користи или за евентуалнипромени во сопственоста иако истото е со проценета вредност од 130.201 илјади денари;
земјиштето околу објектите не ја следи промената на корисниците согласно одлуките на Владата поради што постои ризик од не економично користење или располагање со земјиштето од трети лица.
Опрема – 134.704 илјади денари-сегашна вредност:
утврдивме дека 92% од вредноста на опремата е отпишана што укажува дека СОЗР располага со стара опрема;
евидентирани се 865 пумпи за вода и 18 генератори од кои мал дел се наоѓаат во СОЗР. Опремата е набавена во 2016 година за справување со поплавите во с. Стајковци за што се потрошени 19.592 илјади денари, најголем дел се дадени на Министерството за одбрана – АРМ, дел на општините Шуто Оризари, Аеродром, Илинден, Арачиново без да биде поткрепено со соодветна документација;
Залихи- 48.247 илјади денари
вредноста на залихите на резервни делови во магацин изнесува 11.587 илјади денари од кои 95% се застарени и неупотребливи залихи, за кои по спроведениот попис за 2023 и 2024 година иако е даден предлог за нивно расходување истите до моментот на ревизијата сеуште не се расходувани;
со пописот за 2024 година, утврден е кусок на ситен инвентар во употреба од 4.208 илјади денари за кој не се преземени мерки за утврдување на одговорност кај вработените лица, од причина што не може да се потврди дали кусокот произлегува од несоодветно управување на задолжените лица или поради утврдени недоследности на софтверската апликација за
евидентирање на промените кај залихите.
Утврдивме дека одредени активности на СОЗР не се усогласени со законска регулатива и подзаконски акти:
за 21 привремено ангажирани лица во текот на 2024 година исплатени се 3.274 илјади денари согласно договори со приватни агенции за вработување. Дел од лицата се ангажирани за вршење на редовни работни задачи за работни места од категорија Б, односно раководители и помошник-раководители на сектори и одделенија, кои согласно член 24 од Законот за административни службеници се обврзани да поседуваат високо ниво на знаење, компетенции, искуство и сертификати.
постои неусогласеност во делот на „други посебни услови“ за работно место „авио-диспечер“ во Одделението за превоз со воздухоплови предвидени со правилникот за систематизација на работните места во Службата (да е со или без лиценца за авио-диспечер) во однос на барањата за поседување на лиценца со Правилник за диспечери на лет1. Истакнавме дека со истата систематизација, за работното место „помошник авио-диспечер“ кое е пониско работно место од претходното, предвидено е задолжително
поседување на лиценца за авио-диспечер;
Како состојби при спроведувањето на јавните набавки констатиравме дека:
За физичко обезбедување на објектите на државната управа, по која склучен е договор во септември 2021 година утврдивме фаворизирачки елементи во делот на докажување на техничка и професионална способност, односно понудувачот да има најмалку 3 договори од ист тип со предметната набавка склучени и реализирани во последните 3 години, од кои минимум еден договор да е со вредност од најмалку 50.000 илјади денари;
За сервисирање на моторни возила со кои располага Службата склучена е Рамковна спогодба со три економски оператори, со вкупна вредност од 10.620 илјади денари со вклучен ДДВ. Кај два економски оператори, 50% од набавените услуги и резервни делови во 2024 година не се предвидени во техничката спецификација и листа на цени што упатува на несоодветно планирање на потребни делови.
Состојби кои произлегуваат од извршените услуги во угостителските објекти – ресторани и бифеа со кои управува Службата
не се изготвува Книга на дневни финансиски извештаи со регистрирани податоци за вкупниот промет и ДДВ предвидени со Законот за регистрирање на готовински плаќања;
уплатата на паричните средства остварени од наплатени услуги во готово се врши со задоцнување од неколку месеци, а исто така има и уплати на дневен пазар кој потекнува од 2023 година;
забележан е низок износ на уплатен дневен пазар поради прекин вo одржувањето на фискалната апаратура, а за месец јуни 2024 година не се издавани фискални сметки, ниту парагон блокови за остварен промет во готово;
по извршениот попис за 2024 година, утврдена разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба на залихите на прехранбени производи во главниот магацин, во износ од 4.187 илјади денари без предложени мерки за решавање на состојбите.
За надминување на утврдените состојби, дадовме препораки за преземање на мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.
Во делот на Нагласување на прашања обелоденивме за одредени состојби кои произлегуваат во работењето на СОЗР:
Во однос на воспоставената пракса СОЗР да обезбедува службени возила од висока класа за повеќе институции по пат на лизинг, укажавме дека:
– недостасуваат процедури или упатства со кои ќе се уреди планирањето на потребата од набавка на возила;
– не се обезбедени информации од институциите дали во меѓувреме се сменила потребата за натамошно обезбедување со возило по пат на лизинг, односно дали за набавката постои реална потреба; – нема пракса да се врши детална и сеопфатна анализа на економската оправданост од лизингот, односно да се земат во предвид сите трошоци во однос на сите користи кои произлегуваат од истиот или Cost-benefit анализа; – постои потреба од уредување на постапката за подготовка на техничка спецификација со цел обезбедување конкуренција меѓу економските оператори од причина што во последните три постапки за јавна набавка
учествува само еден понудувач.
Со договорите за лизинг се обезбедуваат 45 возила за што секоја година се одлева висок износ на средства од Буџетот на државата.
Укажавме на надлежните органи од потребата за побрза динамика на активностите
за воспоставување на регистарот на недвижниот имот на државата од причина што поради честите промени на корисниците, објектите, површината на деловниот простор и нивното времено користење со одлуките кои ги носи Владата:
– постои неизвесност при користење и располагање со земјиштето околу и под зградите;
– останува неуредно прашањето за тековно и инвестиционо одржување на објектите кога се сместени повеќе институции;
– ризик од нецелосна евиденција на имотот во СОЗР со кој управува поради несоодветно воспоставена евиденција но и поради состојбата со човечки ресурси во СОЗР.
Обелоденивме за состојбата со човечките ресури во СОЗР:
Значителен дел од задачите на раководител на одделение или сектор се извршуваат
од лица врз основа на добиено овластување за вршење на работи и задачи покрај тоа
што се распределени на други работни места.
Освен генерички обуки предвидени во годишниот план за обуки, не се спроведени други обуки.
Значителниот број на вработени на определено време и привремено ангажирани лица, честата миграција како и недоволното вложување во унапредување на стручните компетенции на вработените, создава ризик во обезбедување на континуитет и квалитет при подготвувањето на финансиските извештаи за државните институции кои се корисници на овие услуги.
Извор: Независен.мк