Граѓаните ќе може да купуваат домашни земјоделски производи во маркетите, а секој производ што е произведен во Македонија или е увезен однадвор ќе биде обележан. Земјоделците ја поздравуваат новата кампања на Владата за фаворизирање на домашните производи, но прашуваат кои домашни земјоделски производи ќе ги купуваат граѓаните кога 80 отсто се од увоз. Според нив, кампањата е добра, но нема да го зголеми земјоделското производство и да ги врати земјоделците на нивите. Тоа, како што велат, може да се направи со загарантирани цени, откуп и пласман на домашните производи. Со други зборови, ако има заработувачка во земјоделството, сите што го напуштиле ќе се вратат на нивите.
„Купувај домашни земјоделски производи“ е нова кампањата на Владата и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, која има цел да ја зголеми потрошувачката на домашни земјоделски производи и да го поттикне локалното производство. Земјоделците ја поздравуваат кампањата и се надеваат дека ќе има ефект врз производството и врз потрошувачката на домашните земјоделски производи и покрај тоа што претходните вакви кампањи не вродија со плод. Но, не веруваат дека ќе ги поттикне да се вратат на полињата и да го зголемат производството. Тоа, како што велат, може да се направи ако има заработувачка, односно гарантирани цени, откуп и пласман на домашните производи.
– Кампањата е добра, но нема да ги врати земјоделците на нивите. Во времето на короната имаше ваква кампања, која не го даде посакуваниот ефект. Ние немаме доволно земјоделско производство, речиси 80 отсто од земјоделското производство е од увоз. Поради тоа, се поставува прашањето кои домашни земјоделски производи ќе ги купуваат граѓаните. Ако Владата сака да ги врати земјоделците на нивите, треба да има загарантиран откуп, загарантирани цени… Не може откупната цена на краставиците да биде 5 денари, а производствената 22 денари. За да се вратат земјоделците на нивите, 5 години треба да имаме добри откупни цени – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.
Според него, уште потешко може да го вратиме македонското земјоделство на она ниво што беше порано, кога го снабдувавме речиси цел југословенски пазар со македонски земјоделски производи. Од друга страна, не можеме да го намалиме увозот зашто ќе останеме гладни.
Од Националната земјоделска мрежа ја поздравуваат кампањата на Владата за купување домашни земјоделски производи, но сметаат дека е потребна законска регулатива со која ќе бидат стимулирани трговските синџири да продаваат домашни земјоделски производи, односно на полиците во маркетите да има повеќе домашни отколку увезени земјоделски производи.
– Ако има заработувачка, сите земјоделци ќе се вратат на нивите и ќе го зголемат земјоделското производство. За да се случи тоа, треба да има загарантирани цени, загарантиран пласман… со други зборови, по која цена ќе го продадат земјоделците она што ќе го произведат. Исто така, треба да се најде начин синџирот од примарните земјоделски производители до крајните потрошувачи да биде што пократок, односно да има помалку маржи и граѓаните да купуваат поевтини домашни производи – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на ова Здружение.
Ваква кампања има во Грција, каде што големите трговски синџири се обврзани со закон на рафтовите да имаат најмалку 50 отсто домашни земјоделски производи. Слична иницијатива има и во Бугарија, каде што државата ги фаворизира домашните производи преку отворање специјализирани продавници за земјоделски производи со максимална маржа од 10 отсто.
Со оваа иницијатива, Владата очекува да се зголеми побарувачката за македонски производи, што директно ќе влијае на растот на земјоделското производство. Граѓаните, пак, ќе имаат можност да ги препознаваат домашните производи на полиците во маркетите благодарение на јасните ознаки за потеклото на секој производ – дали е произведен во Македонија или е увезен.
Од Владата се надеваат дека кампањата ќе ги поттикне земјоделците да се вратат на полињата. Крајната цел на оваа кампања е да се постигне земјоделска независност на државата со јакнење на домашната продукција и креирање на одржлив економски модел.