Во време на глобални економски турбуленции, инфлација и геополитички тензии, златото повторно станува клучен столб на финансиската стабилност. Централните банки ширум светот го сметаат благородниот метал за „сигурно засолниште“, па многу држави во последните години активно ги зголемуваат своите резерви.
Најголеми златни резерви во светот имаат Соединети Американски Држави, со повеќе од 8.000 тони злато. Оваа количина е речиси двојно поголема од онаа на второпласираната држава и претставува најголема официјална залиха на злато во светот. Голем дел од американското злато се чува во познатиот трезор Форт Нокс.
Веднаш зад САД е Германија со над 3.000 тони, по што следуваат Италија и Франција, кои имаат слични количини – околу 2.400 тони. Овие европски економии традиционално одржуваат високи златни резерви како дел од стратегијата за финансиска сигурност.
Меѓу најголемите сопственици на злато се и Русија и Кина, кои во последната деценија значително ги зголемија своите резерви. Особено Кина континуирано купува злато како дел од поширока стратегија за намалување на зависноста од доларот и зајакнување на сопствената валута.
Во првите десет се наоѓаат и Швајцарија, Јапонија, Индија и Холандија. Индија, на пример, последниве години бележи стабилен раст на златните резерви, што е дел од стратегијата за диверзификација на девизните резерви.
Трендот покажува дека златото повторно станува стратешки инструмент за заштита од економски шокови. Во услови на глобална неизвесност, централните банки сè почесто го гледаат златото како најсигурна долгорочна вредност.