По две децении од референдумот, Шведска повторно го отвора прашањето за приклучување кон Еврозоната. Шведската Умерена партија (Умерени) ќе формира посебна комисија која ќе ги разгледа предностите и недостатоците од воведувањето на еврото, доколку остане на власт по парламентарните избори во септември, изјави министерката за финансии Елизабет Свантесон. На референдумот во 2003 година, Швеѓаните го отфрлија членството во еврозоната, но прашањето за преиспитување на воведувањето заедничка валута повторно е во фокусот во последниве години, имајќи ја предвид сè посилната поврзаност на шведската економија со Европската Унија.
Според неодамнешно истражување, потенцијалните придобивки од еврото денес ги надминуваат ризиците.
– Мислам дека е очигледно дека треба да го разгледаме ова прашање и дека тоа е задача со која ќе се занимавам што е можно поскоро во следниот мандат – рече Свантесон за време на парламентарната дебата за членството во Еврозоната. Умерените се најголемата партија во сегашната малцинска коалициска влада.
Дебатата за пристапувањето на Шведска во Еврозоната повторно стана актуелна поради низа геополитички и економски промени, првенствено поради руската инвазија на Украина и царинската политика на американскиот претседател Доналд Трамп. Иако се смета дека независната монетарна политика ѝ помогнала на Шведска за време на финансиската криза од 2008 и 2009 година, последователната еврокриза и пандемијата, истражувачите исто така ги истакнуваат можните трговски и безбедносни придобивки што би можела да ги донесе понатамошната интеграција со еврозоната.
Свантесон нагласи дека членството во еврозоната би било многу години далеку, дури и ако комисијата препорача воведување на еврото. Најголемата пречка е ставот на Шведските демократи, најголемата партија од десницата, која ја поддржува малцинската влада, но цврсто се спротивставува на воведувањето на еврото.
– Еврото е исклучително ризичен облог во кој е во прашање благосостојбата на шведскиот народ – рече економскиот портпарол на партијата, Оскар Шостет, за време на дебатата. На референдумот во 2003 година, 56 проценти од шведските граѓани гласаа против еврото, додека 42 проценти беа „за“.
Според анкетата на државната статистичка агенција од мај оваа година, 49,5 проценти од испитаниците сè уште се против воведувањето на еврото, 32 проценти го поддржуваат, додека 18,5 проценти се неодлучни. Освен Шведска, Данска, Унгарија, Полска, Романија и Чешка не го користат еврото во Европската унија. Само Данска има трајно ослободување од обврската за воведување на еврото, добиено со Мастришкиот договор од 1992 година, што граѓаните на таа земја го потврдија на референдумот во 2000 година- пишува Каматица.