Министерството за економија и труд објави јавен повик за субвенционирање на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средни претпријатија за 2025 година.

Преку оваа мерка, кофинансираат 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000 денари по барател, за набавка на нови машини, алати и дизајн на нов производ. Вкупниот буџет за оваа мерка изнесува 3.000.000 денари, а субвенционирани ќе бидат трошоци направени во 2024 и 2025 година.

Кој има право да аплицира?

Право на аплицирање имаат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност регистрирани согласно Законот за занаетчиство, кои ги исполнуваат следните услови:

  • Деловно седиште на територијата на Република Северна Македонија;
  • Активен деловен субјект, над кој не е покрената стечајна или ликвидациона постапка;
  • Позитивен финансиски резултат во 2024 година;
  • Подмирени обврски кон државата и вработените;
  • Работеле најмалку 12 месеци пред објавувањето на јавниот повик;
  • Не биле субвенционирани преку Министерството за економија по јавни повици во 2023, 2024 и 2025 година;
  • Не добиле државна помош за истата намена од буџетот или странски донатор;
  • Не го надминале максималниот дозволен износ од 300.000 евра државна помош во последните три фискални години.

Важно: Занаетчиите кои плаќаат паушален данок на личен доход немаат право на учество.

За што може да се добијат субвенции?

  • Набавка на нови машини и/или алати
  • Дизајн на нов производ

Средствата не се наменети за ДДВ, царина, транспортни трошоци, курсни разлики, закупнина за деловен простор и трошоци платени со компензација.

Субвенционираните машини и алати не смеат да се отуѓат најмалку две години. Министерството има право на контрола во овој период, а доколку се утврди неправилност, ќе се бара враќање на средствата.

Потребната документација и постапката за пополнување на барањето се достапни ТУКА.