Банките во Европа сè почесто предупредуваат на важноста на готовината како резервно средство за плаќање во услови на растечки економски и геополитички ризици, сајбер-закани и можни прекини во функционирањето на клучната инфраструктура. Иако дигиталните плаќања доминираат, централните банки нагласуваат дека токму готовината може да обезбеди непречено извршување на основните трансакции во кризни ситуации.
Шведската централна банка на почетокот на март препорача граѓаните да чуваат околу 100 евра готовина по возрасно лице, што би било доволно за основни трошоци во период од една недела доколку дојде до прекин на електронските плаќања. Препораката е дел од пошироки европски напори за зголемување на отпорноста на платните системи во услови на сè понепредвидливи кризни сценарија.
Експертите советуваат домаќинствата да не се потпираат исклучиво на дигитални решенија, туку да користат повеќе начини на плаќање, физички картички, мобилни апликации и, по можност, услуги од различни банки. Ваквата диверзификација треба да го намали ризикот од целосен застој во случај на пад на еден систем.
Во земји како Шведска, каде дигиталните плаќања се доминантни, регулаторите предупредуваат и на потребата од одржување на инфраструктурата за готовина, како банкомати и системи за нејзин транспорт и прифаќање. Според нив, редовната употреба на готовина е клучна за нејзината достапност во вонредни околности.
Паралелно, се развиваат и технолошки решенија кои би овозможиле ограничени картични плаќања и во услови на прекин на комуникациските мрежи, со цел да се обезбеди купување на основни производи како храна, лекови и гориво.
Податоците на Европската централна банка покажуваат дека готовината и натаму е најчесто користено средство при физички купувања, со удел од околу 52 проценти во 2024 година, иако тој процент постепено се намалува.
Од ЕЦБ препорачуваат домаќинствата да имаат резервни 70 до 100 евра готовина, оценувајќи дека таа е „критична компонента“ за подготвеност во кризни ситуации. Во последните години, особено за време на пандемијата и почетокот на војната во Украина, е забележано зголемување на побарувачката за готовина, бидејќи граѓаните ја доживуваат како сигурен и веднаш достапен облик на средства.
Слични предупредувања доаѓаат и од нордиските земји, кои укажуваат на ранливоста на електронските плаќања при сајбер-напади или инфраструктурни прекини.
Од друга страна, Народната банка на Србија соопшти дека нема потреба граѓаните да создаваат дополнителни резерви на готовина, нагласувајќи дека банкарскиот систем функционира стабилно и дека пристапот до готовина и банкарски услуги е непречен.
Во Словенија, пак, се истакнува дека иако електронските плаќања се во пораст, готовината и натаму има значајна улога, особено во вонредни услови. Земјата дури и уставно го заштити правото на плаќање со готовина, нагласувајќи ја нејзината важност како сигурно средство за плаќање и чување вредност.
Сите овие ставови укажуваат дека, и покрај дигитализацијата, готовината останува важен елемент на финансиската стабилност, особено во услови на криза.