Со особена чест и задоволство објавуваме дека Комерцијална банка по јубилеен 15-ти пат е прогласена за „Најдобра банка во Македонија за 2026 година“ од угледниот финансиски магазин Global Finance. Оваа престижна меѓународна награда за Банката претставува силна потврда за континуираниот развој, стабилноста, иновативниот пристап, високата грижа за клиентите и значајниот придонес за домашната економија.   

Со ова признание, Комерцијална банка се истакнува како институција која внимателно и посветено одговара на потребите на клиентите и во услови на предизвикувачки пазари, остварува силни деловни резултати и успешно и стратешки управува со своите средства и обврски во услови на неизвесност.

„Оваа јубилејна награда е големо признание за посветеноста, професионалноста и знаењето на целиот тим на Комерцијална банка. Таа е резултат на нашата јасна стратешка визија и на континуираното инвестирање во иновации, дигитални решенија и квалитет на услугите. Пред сè, ова е награда која ја делиме со нашите клиенти и партнери затоа што нивната доверба е наша силна мотивација“, изјави Хари Костов, Главен извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Со оваа награда, Комерцијална банка повторно се наоѓа меѓу најдобрите банки во повеќе од 150 земји во светот, признати во рамките на 33-то издание на годишните награди на Global Finance.

„Глобалниот банкарски сектор продолжува да покажува издржливост и стабилност и покрај геополитичката нестабилност, регулаторните притисоци и сè поголемата конкуренција од финтек компаниите. Наградите за најдобри банки за 2026 година им оддаваат признание на институциите кои најуспешно управуваат со своите средства и обврски, а истовремено инвестираат во дигитални иновации и вештачка интелигенција за да одговорат на променливите потреби на своите клиенти“, изјави Џозеф Д. Џарапуто, основач и уреднички директор на Global Finance.

При изборот на најдобрите банки, Global Finance ги зема предвид квантитативните показатели, како што се растот на активата, профитабилноста, стратешките деловни односи, развојот на нови бизниси и иновациите во производите, како и квалитативните оценки и мислења од финансиски аналитичари и директори, банкари и банкарски консултанти од целиот свет. Наградите на Global Finance се сметаат за врвен меѓународен стандард за извонредност во финансискиот сектор.

Ова јубилејно признание за Комерцијална банка претставува уште една силна обврска за иднината. Банката ќе продолжи со уште поголема посветеност да создава сигурни, иновативни и одржливи финансиски решенија, да ја унапредува дигиталната трансформација и да биде стабилен партнер на граѓаните, бизнисите и на целото општество.