Шест ученици, победници на натпреварот во раскажување книги во организација на Фондацијата „Ѓорѓи Марјановиќ“, беа наградени од Комерцијална банка со штедни книшки „Верверичка“ и подарок депозит, во знак на признание за нивната љубов кон читањето и умешноста во прераскажување на прочитаното.

Натпреварот, кој привлече учество од 26 ученици во финалето, претставува значаен придонес во промоцијата на читањето и критичкото мислење кај младите. Токму преку креативни и инспиративни интерпретации, наградените ученици се издвоија по бројот на прочитани книги и исклучителната способност да го пренесат содржајот.

Комерцијална банка ги поддржа победниците со финансиски награди: штедна книшка со депозит од 10.000 денари за првонаградените, 6.000 денари за второпласираните и 4.000 денари за третонаградените ученици. Овој гест претставува не само признание за вложениот труд, туку и охрабрување за финансиска едукација уште од најрана возраст.

„Веруваме дека добрите навики се стекнуваат уште во детството – и кога станува збор за љубовта кон книгите, и кога се работи за штедењето,“ истакнуваат од Комерцијална банка.

Поддршката на вакви иницијативи е дел од пошироката мисија на банката за создавање општество во кое младите се охрабрени да учат, да истражуваат и да се развиваат како одговорни личности со стабилна финансиска иднина.

Преку ваквите активности, Комерцијална банка продолжува да вложува во младите генерации, поттикнувајќи ги да го заменат прекумерното време на социјалните мрежи со читање и размислување, со што се гради поосвестено и познајно општество.