Компаниите од еврозоната се соочуваат со забавена економија и зголемена конкуренција од Кина, бидејќи царините наметнати од САД ја нарушуваат довербата и ги принудуваат ривалите да бараат нови пазари, покажува анкета на Европската централна банка (ЕЦБ) објавена во петокот.

ЕЦБ ги остави каматните стапки непроменети во четвртокот и даде умерено позитивна проценка на економијата на еврозоната, што предизвика сомнежи кај инвеститорите за натамошно олеснување на политиката, и покрај тоа што заканите од царини од САД ја замаглуваат перспективата.

Но, анкетата на ЕЦБ спроведена меѓу 72 големи компании што работат во еврозоната укажува на забавување во производствениот и услужниот сектор, што резултира со послаби очекувања за вработувањето и цените.

ЕЦБ ги контактирала компаниите во периодот од 23 јуни до 2 јули.

„Контактите пријавија забавување на активноста во последните месеци, бидејќи царините, геополитичките тензии и неизвесноста што произлегува од нив ја нарушија довербата на бизнисите и потрошувачите“, соопшти ЕЦБ. „Повратните информации од компаниите се совпаѓаат со многу умерен раст во вториот и третиот квартал.“

Компаниите кои ги анкетирала ЕЦБ ги гледаат царините од САД – чиј обем сè уште се преговара – како негативни за растот и изјавиле дека конкуренцијата од кинески производи игра „сè поголема улога“.

„Надолниот притисок врз активноста и цените се должи на намалената побарувачка, делумно предизвикана од пренасочување на трговијата од Азија (и особено Кина), бидејќи извозниците од регионот бараат алтернативи на американскиот пазар“, рече ЕЦБ.

Ова досега најмногу влијаело на производи што се користат во меѓуфази (intermediate goods) и имало „многу мал или никаков ефект врз цените за крајните потрошувачи“, но се очекува да се прошири во наредните месеци и квартали.

„За разлика од тоа, контактите во малопродажниот и потрошувачкиот услужен сектор пријавиле минимално, ако воопшто имало, влијание врз нивната активност или цени до денес и не очекуваат значајно влијание во блиска иднина“, додаде ЕЦБ.

Се очекува растот на платите да се забави од нивото од 4,5% забележано минатата година, но помалку отколку во претходната анкета. Компаниите сега прогнозираат зголемување на платите за 3,3% оваа година и за 2,8% во 2026 година.