Министерството за финансии ја исплати новата, петта транша во износ од 700,9 милиони денари или 11,3 милиони евра кон Развојната банка, средства што се наменети за поддршка на домашните компании.

Средствата се трансферирани од буџетот врз основа на доставено барање од Развојната банка, а по одобрување на проектите од страна на деловните банки.

Во буџетот за 2025 година, за поддршка на домашната економија и на домашните компании се проектирани вкупно 250 милиони евра. Досега кон домашните компании се префрлени пет транши во вкупен износ 171,1 милион евра. Средствата за поддршка на домашната економија беа обезбедени преку заем од унгарската Експорт-импорт банка, со цел да се пласираат по поволни услови за реализација на инвестиции во приватниот сектор. Досега искористеноста на оваа кредитна линија од страна на домашните компании е 68 %.