Образованието да се мобилизира, вештачката интелигенција влегува на голема врата. Мора да има измени во Законот за високо образование, за кадрите да се приспособат на пазарот на труд …
Вештачката интелигенција зема замав – мора да се мобилизираме за да одговориме на предизвиците. Компаниите се модернизираат, но недостасува работна сила. Бизнисмените бараат промени во високото образование.
„Во дадената ситуација е цунами во најава. Она што ќе ни се случи ќе биде огромна промена во профилот на работната сила. Јас не си давам за право да кажам кои ќе бидат вистинските професии кои ќе бидат актуелни. Но едно знам, мораме да создадеме ефикасни механизми во кои на младите луѓе ќе им дадеме платформа и начин како да го фатат приклучокот со она што ќе биде наша дневна пракса“, изјави Антони Пешев, Стопанска комора.
Образованието треба да одговори на барањата на пазарот на трудот, измени во законот ќе има и за високото образование.
„Драфт верзиите се готови, поради изборите не сакавме да ги ставиме на ЕНЕР или на јавна дискусија затоа што можеше да се разбере тоа како притисок, веројатно до крајот на месецот ќе ја почнеме јавната расправа“, рече Весна Јаневска – министерка за образование и наука.
На светот во иднина повеќе ќе му требаат луѓе кои поседуваат практични вештини. Бизнисмените предупредуваат, денес студентите излегуваат од факултетите со недоволна стручна подготвеност.