Точни, разбирливи и навремени информации во договорите за кредити и депозити, брз и ефикасен одговор на поплаките на потрошувачите, како и контрола преку „тајни купувачи“. Народната банка со 4 одлуки ќе ги штити потрошувачите на финансиски услуги од банките и штедилниците. Целта е поголема транспарентност и зајакнување на системот за заштита на корисниците.
„Информациите треба да дадат јасни насоки во однос на основните придобивки, ризиците и условите за користење на производот или на услугата, вклучително и за трошоците поврзани со финансиските производи и услуги. Се воспоставуваат стандарди за фер пристап кон потрошувачите, како и забрана за нефер, измамнички и агресивни деловни практики. Се дефинираат основните можни ризици кои треба јасно да им бидат објаснети на потрошувачите пред склучување на договор.“, велат од НБРМ.
Со другите две одлуки се задолжуваат банките за брз и ефикасен одговор на поплаките на потрошувачите, а се зајакнуваат и контролите на централната банка преку „таинствено купување“.
„Го уредува начинот на поднесување, прием и разгледување на поплаки во банките, како и обврска за почитување на рокови за одговарање на поплаките и формирање посебна организациска единица или назначување лице задолжено за заштита на потрошувачите во банките и штедилниците. Покрај теренски и вонтеренски контроли, се предвидуваат и хоризонтални контроли на одредена тема кај сите банки и штедилници, како и контрола преку „таинствено купување“ по примерот на напредните европски практики“, соопштуваат од НБРМ.
Од Организацијата на потрошувачи ги поздравуваат одлуките на Народната банка. Велат тие како организација тоа го барале и до сега.
„Информациите кои што ќе ги даваат самите кредитни референти,кои што нели ќе им ги нудат на потрошувачите кредитите ќе треба да бидат појасни и потранспарентни, односно да им се кажува точно на потрошувачите кога ќе го земат кредитот кои се последиците, што тоа значи, колку е каматата, колку се трошоците, колку ќе им се одбие“, вели Татјана Тасевска од ОПМ.
Од ОПМ напоменуваат дека одлуките важат само за банките и штедилниците, не и за финансиските друштва чиј регулатор е Министерството за финансии. Велат дека нема масовни поплаки за банките и најчесто се индивидуални за разлика од бројот на поплаки кои ги добиваат за финансиските друштва.
„Дали се однесува нели за неможност да подигне пари некаде кога е во странство или не знам некои блокади на картички и така натаму, добивање, поспора постапка за добивање на кредит има различни основи меѓутоа се помалку мораме да напоменеме во однос на поплаките кои што се однесуваат на финансиските друштва, каде што секако е потребна поголема регулација и поголема контрола од регулаторот.“, вели Тасевска.
Од Народната банка велат дека со овие четири одлуки, поставуваат правила и механизми за подобра заштита на правата и интересите на потрошувачите.