ПОРАДИ РИЗИК ОД ЗАРАЗНА БОЛЕСТ

Косовската Агенција за храна и ветеринарство (AUV) донесе итна одлука за забрана на увозот на овци и кози од Македонија, вклучително живи животни, нивните нуспроизводи – волна и кожи – и производи кои не се термички обработени. Забраната е резултат на потврден случај на заразната болест овчи и козји сипаници (sheep pox and goat pox) во регионот на Липково, според извештаи на АДИС и Светската организација за здравјето на животните (WOAH).

Одлуката има за цел да го заштити здравјето на животните во Косово и да спречи ширење на инфекцијата, а според косовскиот Закон за ветеринарна медицина, мерките се применуваат веднаш и остануваат во сила додека не се изврши нова проценка. Забраната е временска, а нејзиното продолжување ќе зависи од епидемиолошката ситуација и извештаите од меѓународните институции.

За македонските сточари ова е нов удар врз економијата. Велигденскиот пазар на живо јагне е директно погоден, бидејќи најголем дел од македонското јагне заминува за Косово и Албанија. Според сточари од Пелагонија, за Божик јагнето се извезувало по цена од 280 до 320 денари за килограм, додека домашните кланичари нуделе 240–250 денари. Со затворената граница, одгледувачите ќе мора да го продаваат јагнето во домашните кланици, каде цената веројатно ќе биде пониска од производствените трошоци.

Сточарите велат дека цената за килограм живо јагне за Велигден не смее да биде под 300 денари, а забраната за извоз значи многу пониска цена од онаа што ја бараат. Тие чарето го гледаат во преземањето мерки за сузбивање на болеста во Кумановско и да продолжи извозот.

Сточарите изразуваат загриженост и поради условите за субвенции, откако половината од нив останале без доисплатата за 2024 година, а дел од премиите за предадено млеко за 2025 година се уште не се исплатени.

Сточарите, соочени со загуби и неизвесност, апелираат за брзи мерки за сузбивање на болеста и фер откупни цени за домашните јагниња, за да се избегне дополнителен економски удар на секторот кој веќе е ранлив.