Масивна ескалација на трговските односи помеѓу САД и Кина по повеќемесечното трговско примирје
- Трговскиот конфликт меѓу двете најголеми економии во светот повторно се активира и со голема динамика се проширува и на поморскиот превоз. Па така, од вчера, САД и Кина наметнуваат пристанишни такси за товарни бродови што превезуваат сè, од играчки до сурова нафта
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна објави дека воведува дополнителни 100 отсто царини за стоки од Кина, покрај веќе воспоставените царини од 30 отсто, почнувајќи од 1 ноември. Таа најава значеше иницијација за масивна ескалација на меѓусебните трговски односи, по повеќемесечното трговско примирје меѓу двете земји. Па така, од вчера, САД и Кина наметнуваат пристанишни такси за товарни бродови што превезуваат сè, од играчки до сурова нафта, пренесуваат светските медиуми.
Трговскиот конфликт тлееше со месеци, но вчера веројатно започна отворен судир
Трговскиот конфликт меѓу двете најголеми економии во светот повторно се активира и со голема динамика се проширува и на поморскиот превоз. Имено, Кина објави дека ќе воведе посебни давачки за бродови во сопственост на САД, управувани од САД, изградени во САД или бродови што пловат под американско знаме. За потсетување, претходно администрацијата на американскиот претседател годинава објави дека ќе воведе пристанишни такси за товарни бродови во сопственост на Кина и за бродови изградени или што пловат под кинеско знаме. Имено, Кина возврати со објавување свои пристанишни такси. Според аналитичарите, од најновите најавени мерки се засегнати 13 проценти од глобалната флота на танкери за нафта и 11 проценти од контејнерските бродови. Експертите очекуваат кинеската компанија за контејнерски превоз „Коско“ да биде најтешко погодена, при што таа ќе сноси речиси половина од 3,2 милијарди долари вредните американски такси што се очекуваат за 2026 година. Трамп деновиве тврдеше дека трговското непријателство од Кина „се појавило од никаде“. Но, всушност, тоа тлее со месеци. Тој ја откажа средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг што беше закажана за подоцна овој месец во Јужна Кореја.
Став на Вашингтон
За САД, клучен дел од трговскиот договор беше да се обезбеди дека Кина ќе го зголеми снабдувањето со ретки земни магнети. Но и покрај очигледниот напредок, Трамп постојано ја обвинуваше Кина за кршење на условите во последните месеци. Трамп прво одговори со воведување ограничувања за продажба на американска технологија на Кина, вклучително и клучен чип за вештачка интелигенција на „Енвидија“. Потоа администрацијата на Трамп објави дека наскоро ќе воведе тарифи за стоки што се превезуваат со бродови во сопственост или управувани од Кина. Кина возврати со сличен план за американските бродови. Сума сумарум, Трамп не покажа ограничување за тоа колку високо ќе оди со тарифите за Кина, а од друга страна претседателот на Кина не покажа слабост и тој жестоко возврати. (Патем споменато, можноста на Трамп да продолжи со воведување тарифи по желба може наскоро да заврши, во исчекување на пресудата во пресвртниот случај што започнува следниот месец во Врховниот суд.)
Становиште на Пекинг
Кина дефинитивно не покажува знаци на повлекување, на што Трамп сигурно сметаше на почетокот на својот мандат, кој беше запаметен по својата агресивна и заканувачка политика кон сите и насекаде – вклучувајќи не само воведување царини туку и преземање територии на други земји (Гренланд, Панамски Канал, Газа…). Но Кина ги обвини САД за двојни стандарди и се закани со контрамерки откако претседателот Доналд Трамп најави дополнителни царини за увоз од таа земја. Кинеското Министерство за трговија во неделата соопшти дека Вашингтон долго време го злоупотребува принципот на национална безбедност и контрола на извозот, применува дискриминаторски мерки против Кина и еднострано ја проширува својата надлежност на производи како што се полуспроводници и компјутерски чипови. Кина, исто така, ги обвини САД за нарушување на глобалните синџири на снабдување и го повика Вашингтон да ги исправи своите „погрешни практики“, да ги почитува резултатите од минатите трговски преговори и да ги реши меѓусебните проблеми преку дијалог.
– Доколку САД инсистираат на погрешниот пат, Кина сигурно ќе преземе решителни мерки за да ги заштити своите легитимни права и интереси – соопшти министерството.
Уште едно парче во мозаикот на затегнатите односи меѓу САД и Кина
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот предложи „забрана за кинеските авиокомпании да летаат над Русија на линиите до и од САД“, со образложение дека „намаленото време на летање што го дозволува оваа практика ги става американските превозници во неповолна положба“.
Предлогот е уште една ескалација во трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот и доаѓа откако Пекинг возврати со заострување на контролите за извоз на ретки метали, кои се клучни за некои американски индустрии.
Имено, американските авиокомпании долго време ја критикуваа одлуката со која „им се дозволува на кинеските превозници да го користат рускиот воздушен простор на американските маршрути, бидејќи тоа им дава предност на скратено време на летот и користи помалку гориво, намалувајќи ги трошоците“, при што се повикуваа на одлуката на Москва „да им забрани на американските авиокомпании (и на многу други странски превозници) да летаат над нејзиниот воздушен простор“, како одмазда за забраната на Русија за летови над САД од март 2022 година, откако почна руско-украинскиот воен судир.
Кинеските авиокомпании не беа забранети и ја искористија таа предност за да добијат пазарен удел во споредба со некинеските превозници на меѓународните маршрути. Министерството за транспорт на САД во својот предложен налог образложуваше дека сегашната ситуација е „нефер и резултираше со значителни негативни конкурентски ефекти врз американските авиокомпании“. Сегашниот предлог за примена на ограничувања за прелети на лиценци за странски авиокомпании издадени во САД не се однесува само на карго-летови.
Портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи изјави дека „ограничувањата не се погодни за размена меѓу луѓето“. Според веб-страницата за следење летови „Флајтрадар24“, одлуката на Министерството за транспорт би можела да влијае на некои американски летови што ги опслужуваат „Ер Чајна“, „Сјамен ерлајнс“ и „Чајна Саутерн“. Во налогот не е наведена авиокомпанијата „Кетеј Пацифик“ со седиште во Хонгконг, која лета над Русија на маршрутата од Њујорк до Хонгконг.