Новата програма за финансиска поддршка во земјоделството предизвика бурни реакции кај земјоделските здруженија и производителите, кои велат дека намалените субвенции ќе доведат до намалување на производството на храна. Дел од земјоделците сметаат дека со измените во субвенциите голем број мали производители, како овоштари и градинари, веќе нема да исполнуваат услови за добивање поддршка и ќе останат без субвенции. Според опозицијата, државниот буџет за субвенции е намален за околу 40 милиони евра, што е драстичен удар врз аграрниот сектор кој веќе се соочува со ниски откупни цени, евтин увоз и зголемени трошоци.

Земјоделските здруженија велат дека доколку надлежните не седнат со нив на маса и да им објаснат за кои земјоделски култури и за колкави површини ќе добијат субвенции. Во спротивно, како што велат ќе излезат на протест и од улица ќе бараат објаснување зашто им се скратени субвенциите.

-Со новиот закон за субвенционирање нашиот производ нема да биде конкурентен со увозните производи кои се високо субвенционирани од нивните држави. Нашиот аграр опстојува благодарени на ситните земјоделци на кои постојано им се кратат корењата. Ако бидат изоставени од финансиската поддршка од државата ќе бидат нерентабилни, ќе имаат повисоки трошоци, а домашното производство ќе биде непрофитабилно. Голем дел од ситните земјоделци ќе се откажат од земјоделството, бидејќи нема да им се исплати, изјави за „Локално“, Диме Димитриески, претседател на УО на Националната земјоделска мрежа.