Најскапиот стан во третиот квартал од оваа година е продаден во скопски Центар. Купувачот за 91 метар квадратен платил 280.000 евра или 189.231 денари (над 3.000 евра), покажуваат податоците од Агенцијата за катастар на недвижности.

Во Регистарот на цени и закупнини, во периодот од јули до септември 2025 година, на целата територија на државава регистрирани се продажби на 845 новоизградени станови, односно станови од инвеститор, што е за 169 станови повеќе од вториот квартал во 2025 година.

Градежниците велат дека растот на цените ќе продолжи, посебно во атрактивните општини, затоа што понудата е помала од побарувачката.

„Бележиме врв на цената на становите. Колку ќе трае овој тренд ќе зависи од понудата и побарувачката во наредниот период. Во моментов побарувачката е многу поголема од понудата затоа што побарувачката во реоните каде што има голема трансакциска активност и се атрактивни за купувачите нема таков интензитет на градба за да се задоволат апетитите на тие што купуваат станови. Сè додека имаме таква состојба не можеме да очекуваме ниту стабилизација ниту пак намалување на цените на становите во општините што се репер за цените“, рече во разговор за  Блумберг Адрија ТВ Андреја Серафимовски, претседател на Здружението на градежници при Стопанската комора на Македонија.

Најатрактивните општини според Регистарот на цени и закупнини остануваат скопските каде и во третиот квартал се евидентирани најмногу продажби. Во општина Аеродром се продадени 275 станови, во Центар се продадени 236 станови, 133 во Чаир, 121 во Гази Баба, 114 во Кисела Вода, 103 во Карпош…

Исто така, во Агенцијата за катастар на недвижности досега се запишани 26.463 листови за предбележување градба што укажува дека овие објекти се во фаза на градба и наскоро ќе се најдат на пазарот на недвижности.