Лакомоста на газдите и функционерите се главна причина за непокачување на платите, а не ниската продуктивност на работниците, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација и други трошоци, а не кај работниците, оценуваат од синдикатите.
Иван Пешевски – ССМ: „Македонија има просек над светскиот и постои економски простор за раст на платите и покрај сите убедувања на одредени експерти и газди дека сето тоа ќе се одрази врз економијата негативно односно ќе има отпуштање на рабтници, затворање на фабрики или поголема инфлација што според нас паѓа во вода. Како заклучок на сето ова би кажал дека газдите односно работодавачите ги експлоатираат работниците, а власта само ја следи односно ја поддржува оваа состојба за непокачување на минималната плата и чекање само усогласување согласно законскиот рок следниот месец“…
Продуктивноста на работниците се користи како изговор за непокачување на минималецот, смета Миле Бошков од конфедерацијата на работодавачи.
И покрај тоа што ова вели – нема да им се допадне на работодавачите, потенцира дека македонските компании, со ретки исклучоци, воопшто немаат ни воведено одредени стандарди за мерење на продуктивноста…
Миле Бошков – Конфедерација на работодавачи: „И многу ми е жал, не само во приватниот сектор и во јавниот сектор, работодавачите навистина не знаат како да ја измерат продуктивноста, бидејќи немаат ни инвестирано во алатки, ни во знаење, ни во технологија, апсолутно во ништо. И да им помогнам на работодавачите, бидејќи после ова веројатно и воопшто нема да им се допаѓа што го кажав за вашиот медиум… Го основавме порталот globalenpazar.mk каде што има посебни точки каде што можат да најдат начин како да ја мерат продуктивноста и да сфатат за ова јас што говорам, меѓутоа и да го имплементираат во нивното работење. Одговорно тврдам, многу мал број на компании знаат што е продуктивност. Одговорно тврдам дека се користи како флоскула продуктивноста, како изговор за незголемување на минималната плата и одговорно тврдам и го поднесувам целиот ризик – дека работодавачите не знаат, ама мора да научат што значи продуктивност и мерење на продуктивноста“, вели во интервју за РСЕ.
Конфередацијата на работодавачи е за зголемување на платата, но бара покачувањето од 6.000 денари да биде ослободено од социјални придонеси.
Дел од експертите се на став дека покачувањето ако не е поткрепено со зголемена продуктивност може да води кон подгревање на инфлацијата.
Синдикатите почнаа со протести на кои се бара зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите плати.