За 19 години се потрошени 1, 7 милијарди евра за субвенции. Министерот за земјоделство очекува поголема рентабилност со спроведување на новите правила за субвенционирање, но дел од земјоделците ги дочекаа на нож.
Македонија важи за земјоделска земја. Овој епитет постојано ѝ се додава, така се учат генерации ученици, но бројките откриваат дека се повеќе зависиме од увоз на храна. Според податоците од Државниот завод за статистика, минатата година за увозот сме потрошиме 1,1 милијарда евра, што е за 6,1 проценти повеќе отколку во 2024 година.
Покрај што увезуваме и извезуваме храна. Вкупниот извоз во 2025 година бил 564 милиони евра, или 3,4 проценти повеќе од реализираниот извоз во 2024 година.
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски вели дека од 2007 година кога почнало субвенционирањето заклучно со исплатите од 2025 година за субвенции се дале преку 1,7 милијарди евра. И тој не е задоволен од соодносот меѓу произведената храна и помошта на државата. Затоа, како што вели, има промени во годинешнава програма за субвенционирање. Се заострија условите, потребно е да се обработува поголемо земјиште и да се има повеќе добиток или пчели од порано. Потребно е и најмалку 30 отсто од произведеното да се предаде во откупен центар.
Промените во програмата за субвенционирање предизвикува остри реакции кај земјоделците. Земјоделци, сточари, поледелци и пчелари вчера присуствуваа на состанок во Прилеп.
– Во ситуација кога во земјата се соочуваме со нелојална конкуренција однадвор, кога имаме увоз од над една милијарда евра, кога однадвор ни доаѓаат производи со дампинг-цени, субвенционирани од нивните држави, ние буквално сме неконкурентни и не можеме да се одржиме на пазарот. Сведоци сме и дека во државава откупните цени се движат околу производните цени. Средствата што сега се резервирани за земјоделците се мали и нè ставаат во незгодна позиција. Бараме промени во моделот на субвенционирање. И најважно – бараме да бидеме вклучени во нивното изготвување – вели Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, кој присуствуваше на состанокот.
Тој смета и дека е апсурдно од нив да се бара да ги предаваат производите на регистрирани откупувачи затоа што тие ги уценуваат со цена.
Најмногу пари даваме за увоз на месни преработки
Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски вели дека Македонија има доволно производство на зеленчук за да си ги задоволи потребите и да извезува и дека најголемиот дел од увозот на храна се однесува на месни преработки и на дел од млечните производи.
– Извозот на примарните земјоделски производи во 2025 година во однос на 2024 година е зголемен за 25,5 проценти. Најголем дел од увозот на храна припаѓа на преработките од месо и на одреден дел од млечниот програм. Како држава не сме увозно зависни кога зборуваме за свежата програма. Тука ги задоволуваме домашните количини и имаме за извоз. Интенцијата е овој дел да го зголемуваме. Нашите свежи производи се многу барани, затоа што имаат автентичен вкус – изјави Трипуновски на брифинг со новинарите.

На состанокот во Прилеп, сточарот Борче Бучински од Битола, кој е и член на Здружението „Пелагониско поле“, прашува кој ќе произведува стока под сегашните услови. Тој вели дека износот за помош им е намален и дека немаат редовна исплата, ниту пак авансна исплата, нешто што беше воведено во 2024 година. Тој се пожали и на „уривање на цената на млекото“.
– Млекарниците се здружени како монопол, а никој не ги казнува. Еднаш ни ја урнаа цената на млекото за денар до два, сега пак за денар до два и имаме најава за уште три денари. Па кој ќе чува стока? Најавено беше дека ќе бидеме исплатени за шест месеци за млеко. Некои кооперанти зедоа за два месеца, некои за три – рече на состанокот Бучински.
Потребна е поголема преработка на произведеното
Министерот за земјоделство смета дека не треба да се задоволиме само со примарно производство и дека е неопходно да имаме што повеќе преработувачки капацитети и да извезуваме полупроизводи и готови производи.
– Жал ми е што минатата година се случија раните мразеви, па во Малешевијата измрзна најголем дел од сливата. Ние веќе имавме ставено во програмата финансирање мали дестилерии за производство на дестилат за жестоки пијалаци за да не се случува да извезуваме сливи по 20 евроценти за килограма, а потоа да увезуваме ракија – вели Трипуновски.
Како позитивен пример тој посочи компанија што во Ресен купила градежно земјиште со цел да гради капацитет за каши, па каша од јаболка, праска, или нешто друго, а потоа ќе се извезува.
– Треба да отвораме сопствени капацитети. Само на тој начин ќе можеме да направиме додадена вредност и повеќе да заработиме од извозот, а во тешки моменти кога нема каде да се пласира производот, ќе имаме преработувачки капацитет – рече министерот.
Според министерот, Македонија веќе има сериозна конзервна индустрија и нашите производи се барани преку граница.
Трипуновски најави изградба на нови откупни центри и на системи за наводнување.