ЛДП ПОВТОРНО ЌЕ ПОДНЕСЕ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН
Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, уште еднаш ќе поднесе предлог-закон за намалување и укинување на неоснованите банкарски трошоци (провизии).
– ЛДП минатата есен започна со реализација на кампањата „Твоја сметка, твои пари“ и преку претседателката на партијата, Моника Зајкова, поднесе предлог-закон до Собранието за намалување и укинување на неоснованите банкарски трошоци. Побаравме намалување или целосно укинување на: плаќањето надоместоци за затворање сметка, укинување на трошоците за повлекување пари од банкомат на друга банка, онлајн плаќање и проверка на сметки, намалување на трошоците за подигање кредити и други предлог-мерки за заштита на граѓаните во процесите во банкарското работење. Во најголемиот дел од земјите во Европската Унија, овие банкарски трошоци не постојат или се минимални, а кај нас се плаќаат огромни провизии. Тој предлог беше одбиен без аргументирана расправа – вели потпретседателот на ЛДП, Валентин Груевски.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, апелираше до банките да ги намалат банкарските провизии откако се намалени трошоците на банките кон НБРМ.
– Не смееме да дозволиме апелот од Народната банка да остане само неуспешен обид за намалување на банкарските трошоци и само некој оддалеку слушнат глас. Мораме да го искористиме овој позитивен сигнал за да ги намалиме банкарските трошоци – додава Груевски.