Партијата Левица жестоко се спротивставува на најавените измени на законите за рударство и геологија, предупредувајќи дека под изговор на „усогласување со европските стандарди“ се крие обид Македонија да се претвори во рударска колонија. Во својата реакција, Левица предупредува дека власта се спрема за национално предавство и отворање пат кон трајна еколошка катастрофа.
Ви ја пренесуваме целосната реакција на партијата:
„Новите закони за рударство и геологија, претставени како „усогласување со европските стандарди“, претставуваат директна опасност за претворање на Македонија во рударска колонија на Европската Унија. Под изговор на „стратешки проекти“ и „одржлив развој“, власта отвора врата за уништување на македонските планини, реки и почви, овој пат легализирано и со европско знаменце.
Ископот на ретки минерали, особено литиумот, е меѓу најзагадувачките индустриски процеси во светот. Секое рударско постројување значи исчезнување на природата: реките стануваат мртви канали, земјата неплодна, воздухот канцероген. Доволно е да се погледне примерот во Србија, каде проектот на „Рио Тинто“ предизвика масовни протести поради ризикот од уништување на целиот екосистем. Во Чиле и Боливија, локалното население веќе живее со недостиг на питка вода, поради трошење милиони литри за обработка на рудата.
Законот не значи „затворање на дивите рудници“, туку нивна легализација и замена со концесионери кои, со благослов на власта, ќе ја експлоатираат земјата и народот. Зад „зелените“ пароли стои црната вистина: отворање пат за оживување на проектите во Иловица и Штука, нешто што граѓаните веќе јасно го одбија.
Посебно е цинично што токму ДПМНЕ, која во опозиција жестоко зборуваше против рудниците на смртта и концесиите за странските корпорации, денес како власт го прави истото, уште поперфидно и прикриено зад европски флоскули.
Она што сега се прави е исто како во Србија: распродавање на концесии на странски корпорации кои зад себе оставаат пустош, загадена вода и неплодна почва. Тоа не е развој, туку национално предавство и трајна еколошка катастрофа.
Левица бара власта веднаш да се откаже од намерата за донесување на вакви штетни закони.
Нема цена со која може да се замени чистата вода, плодната земја и здравјето на нашите деца. Македонија не смее да стане рударска колонија!“