Во Македонија, и покрај формалната забрана за отказ поради бременост, реалноста покажува дека бремените жени, особено оние вработени на определено време, се меѓу најнезаштитените работнички. Според анализите на АФЖ – Левица, работодавците често ја користат законската дупка и едноставно не го продолжуваат договорот на определено време, оставајќи ги жените без работа токму во моментот кога им е најпотребна сигурност.
За надминување на оваа неправда, Левица поднесува предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, кој директно се бори против оваа системска неправда.
Со предложените измени се воведува автоматска трансформација на договорот на определено во договор на неопределено време во случај на бременост. Ова значи дека бременоста повеќе нема да биде причина жената да остане без работа по истекот на договорот.
„Бремените жени не бараат привилегии. Тие бараат сигурност, достоинство и право на работа. Овој предлог-закон е чекор кон исправување на долгогодишна неправда и јасна порака дека бременоста не смее да биде причина за дискриминација, туку основ за засилена заштита“, велат од Антифашистичкиот фронт на жени при Левица (АФЖ – Левица).
Предлог-законот претставува конкретна иницијатива за заштита на работничките права и обезбедување еднаквост и сигурност за сите вработени жени.