Партијата Левица остро реагира на, како што тврди, организиран обид од страна на владејачката партија ДПМНЕ за создавање партиски синдикати во јавните претпријатија и акционерски друштва. Според партијата, станува збор за план за формирање синдикални параструктури по мерка на власта, со цел амортизација на растечкиот работнички револт поради лошите политики и игнорирањето на барањата за повисоки плати и подобри услови.
„Во врeме кога Владата е соочена со растечка критика за неисполнетите ветувања и игнорирањето на барањата за повисока минимална плата, активира операција за создавање синдикална параструктура – синдикат кој нема да се спротивстави, туку ќе биде продолжена рака на владејачкото мнозинство“, реагира Левица.
Според партијата, КСС е посочен како пример на „удобен партнер“ кој, како што велат, отворено се дистанцирал од работничката борба – вклучително и со тоа што не учествувал на првомајските протести.
„Работничката борба не е и не смее да биде марионета на власта!“, истакнува Левица, предупредувајќи дека ваквите методи се класичен политички инженеринг.
Од партијата прашуваат дали зад иницијативата стои директна директива од „Белата палата“, како што во објавата ја нарекуваат централата на ДПМНЕ и дали ваквите чекори се признание дека Владата нема капацитет да се соочи со реалните проблеми на работниците.
„Дали Владата сака вистински дијалог со работниците или им треба синдикат кој ќе молчи во нивно име?“
Левица, од првиот ден на своето постоење, е на страна на работниците. Секој нивни политички чекор е насочен кон нивна заштита и поддршка – од закони за поголеми плати и породилни отсуства, до борба против злоупотребите со договори на дело и политичката контрола врз синдикалното организирање.
Партијата апелира до сите искрени синдикалци и работници да не потклекнуваат на притисоците и манипулациите од страна на власта, и повикува на отпор кон, како што го нарекува, режимскиот модел на владеење .