Владата веќе извесно време ја најавува можноста речиси 345.000 пензионери да добијат по 1.000 денари зголемување на пензијата во септември и уште толку во март. Кој ќе добие, а кој ќе изгуби со оваа мерка?
Линеарното зголемување на пензиите се очекува да помине во Собранието пред локалните избори наесен. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе разгледа предлог-закон за линеарно зголемување на пензиите, кој потоа ќе биде испратен до Собранието.
„Очекуваме линеарно зголемување на пензиите, тоа го бараат пензионерите од Владата – процентот што треба да се зголеми да биде линеарно распределен на сите корисници на пензии“, вели Мицкоски.
Собранието се очекува да го изгласа законот пред распишувањето на локалните избори во Македонија.
Пензионерите ќе добијат или ќе изгубат?
Владата веќе извесно време ја најавува можноста речиси 345.000 пензионери да добијат по 1.000 денари зголемување на пензијата во септември и уште толку во март. Линеaрно усогласување со протест пред Влада неодамна побараа од Здружението на пензионери за достоинствен живот, имајќи предвид дека над 245 илјади пензионери имаат пензии до 24 илјади денари.
Анализите покажуваат дека линеарното зголемување на пензиите би можело да ја чини Владата помалку во вкупен износ во однос на законскиот принцип за процентуално зголемувањe на примањата на пензионерите. До крајот на годината, за зголемувањето од 1.000 денари државата ќе треба да обезбеди дополнителни 16,8 милиони евра, а доколку според постојното законско решение усогласувањето би изнесувало пет отсто – тогаш за истата намена би биле потребни речиси 22 милиони евра, или 17,8 милиони евра доколку усогласувањето би било четири отсто.
Владата во повеќе наврати укажува дека со линеарното зголемување на пензиите сака да го намали јазот меѓу оние со ниски и оние со повисоки пензии. Економистите, пак, укажуваат дека помагањето на пензионерите со најниски примања треба да се врши на друг начин без да се дерогира пензискиот систем.
Во мај во Македонија имало 344.796 пензионери. Просечната исплатена пензија е околу 26.000 денари, но најголем дел од пензионерите се далеку под тој просек. Највисоката пензија изнесувала 88.000 денари.