По неколкунеделни шпекулации и неизвесност околу иднината на „Лукоил“ на меѓународните пазари, конечно стигна одлука. Министерството за финансии на САД ја продолжи лиценцата на компанијата до 17 јануари. Со ова продолжување, „Лукоил“ добива простор да ги финализира преговорите и да склучува условни договори за продажба на своите средства во странство.

Одлуката е објавена преку Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), која појаснува дека лиценцата овозможува и извршување трансакции неопходни за редовното работење, под услов секоја таква активност да биде претходно одобрена од OFAC.

Според правилата утврдени во лиценцата, сите потенцијални купувачи мора да обезбедат преземање на најмалку 50 проценти од средствата на „Лукоил“ најдоцна до 17 јануари 2026 година. Договорите ќе добијат правна важност само со зелено светло од американските регулатори.

Во документот детално е објаснет и поимот „условни договори“, кој ги опфаќа извршните и принципиелни договори, проформа фактурите, понудите што може да се прифатат — вклучувајќи понуди доставени во јавни тендери — како и меморандуми за разбирање и други договорни форми со слични правни обврски.

Паралелно со ова, OFAC потсетува дека финансиски трансфери кон физички или правни лица во Русија остануваат недозволени.