Луксузните станови на Водно, кои Обвинителството ги презентираше како скриен имот на екс премиерот Никола Груевски, а кои беа одземени со пресудата за случајот „Плацеви на Водно“, повторно се огласени за продажба, откако првиот обид за продавање заврши неуспешно.

Сега становите се продаваат по пониска цена, односно намалена за 1/4 од првичната.

„Продажбата на конфискуваниот имот ќе се изврши со јавно наддавање по електронски пат, со почетна продажна цена утврдена согласно Процената на Министерството за правда – Бирото за процени бр.CB/EL V 2/24-20 од 20.01.2025 година, намалена за ¼ согласно член 48 став (2) од Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка“, информираат од Агеницијата за управување со одземен имот.

Станува збор за три стана на Водно, со вкупна површина од 750 квадратни метри. Првично становите беа проценети на вкупна вредност 2,4 милиони евра, а сега нивната цена се намали на 1.843.000 евра.

Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Овој стан првиот пат се продаваше по цена од 760.000 евра, а сега за 569.662 евра. Од објавените фотографии може да се види дека станот располага со џакузи.

Вториот стан е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни и првично се продаваше за 847.000 евра, а сега е намален на 635.220 евра.

Третиот е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и со балкон од 48 квадрати. Беше проценет е на 851.000 евра, а сега се нуди за 637.896 евра.

Јавното наддавање за становите ќе се изврши електронски на 23 декември.

Груевски за „Плацеви на Водно“ првостепено беше осуден на седум години затвор, а Апелација ја преиначи пресудата и му ја зголеми казната на девет години затвор. Во предметот, Груевски, покрај за нелегалното купување на плацеви на Водно, осуден е и за злоупотреба на партиските донации.

Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, тој како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра, а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно.

Валентина Вурмо fokus mk