Србија се приклучува кон европскиот тренд во признавањето на родителскиот придонес преку пензискиот систем. Со измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, мајките во Србија ќе имаат право на посебен стаж, што ќе им донесе повисока пензија. Посебен стаж ќе им се признае на мајките со едно или две деца од 2032 година, додека мајките со три или повеќе деца можат веднаш да аплицираат.
На мајките со едно или две деца ќе им се доделат шест месеци или една година посебен стаж, додека мајките со три или повеќе деца можат да го продолжат својот стаж за дури две години. Овој стаж не е услов за пензионирање, но се вклучува во вкупниот пензиски стаж и значително влијае на износот на пензијата. Практично, повисокиот коефициент се пресметува на крајот, што значи дека на жена со 30 години стаж ќе се смета дека работела 32 години, што ќе резултира со повисока пензија.
За да го оствари мајката ова право, треба да поднесе барање до надлежната филијала на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Србија го воведува овој систем по примерот на многу европски земји кои активно ја признаваат родителската работа во рамките на пензискиот систем.
На пример, Германија ја има таканаречената „пензија за мајчинство“ (Mütterrente). Од 2014 година, на мајките на деца родени пред 1992 година им се доделуваат дополнителни години, што автоматски го зголемува износот на пензијата. Татковците, старателите и бабите и дедовците исто така имаат право на оваа пензија. Со најновите измени, од 2027 година, се проценува дека околу 10 милиони жени ќе имаат корист од надоместок од 20 евра месечно по дете.
Слични поволности во пензионирањето на мајките има и во Австрија, Франција и Шведска, пренесува Блиц.